Skip to main content

Ракомет

Познат новиот ростер на ГРК Охрид

Новата управа на ГРК Охрид сериозно се зафати за работа и за рекордно време успеа да ја оформи екипата за следната сезона.
 |  Голабовски Крсте  |  ,

Со голема помош од Oпштина Oхрид, вљубениците на ракометот од нашиот град кои се дел од новата управа, ќе се обидат да го подигнат нивото на најпопуларната екипа од Охрид. За месец и половина се оформи новиот ростер со млади играчи кои имаат повеќегодишни договори. За стабилноста на екипата говори фактот што за следната година е предвиден уште поголем буџет. Од управата очекуваат добра атмосфера во екипата која има невообичаено голем број на странци поради фактот што со проширувањето на лигата тешко е да се ангажираат македонски ракометари.


„Најважно од се е да сме подржувани од охриѓани во полна сала, од нашите рибари,за да избориме пласман во Европа, тоа трето или четврто место, а зошто да не падне во Билјанини извори Вардар или Еурофарм со овој тим кој го имаме“ – вели Славчо Ристески – член на управата.

Иако имав подобри понуди, Охрид ми е во срцето ќе каже новиот предводник на гладијаторите Горан Андоновски. Управата му исполнила 99 % од желбите кои играчи ги сака во тимот. Се работи за ракометари кои играат во два правци. Гарантира побрз, поатрактивен ракометет со многу голови.Единствен проблем е краткиот период за воигрување на екипата, а очекува полни трибини и подршка од навивачката група Рибари.

„Јас сум многу емотивен, сигурно никој повеќе не го сака клубов. Со мојата фамилија никој нема дадено повеќе за овој клуб мислам дека е така и ве уверувам дека е така, сум се одрекувал од многу работи за овој клуб и ќе продолжам да се одрекувам за овој клуб. Мислам дека сите заедно можеме да направиме многу за овој град. Ракометот во Охрид е прв екипен спорт во градот и се надевам дека така ќе остане“ – кажа Горан Андоноски – тренер на ГРК Охрид.

Тренинзите на првата екипа ќе започнат на 3 август а договорени се и 8 дневни подготовки во Маврово.Прв помошник на Андоновски е Наум Бабачев кој очекува мотивираноста од управата и тренерите да се пренесе на играчите и Охрид да е тим за респект познат по борбеноста. Ракометната лига е квалитетна и свесни се дека ги очекува тешка сезона но целта е позната.

„Целта кога седнавме на маса беше сите играчи кои ние цениме дека се на едно завидно ниво да потпишат повеќе од една година договор. На две или повеќе за да се стигне до таа цел, да се работи од година во година па да го достигниме тоа ниво за да освоиме завидно место на табелата.Таа ние е целта можеби и нема да стигниме до целта но битна е работата и пристапот“ – потенцира Наум Бабачев – помошник тренер на ГРК Охрид.

Дека во ГРК Охрид дуваат нови ветрови покажува и податокот што клубот тренира уште од сега. Тренерите 5 пати неделно подучуваат 25 деца. Интересот е двојно поголем но условите толку дозволуваат. Овие селектирани играчи ќе го претставуваат клубот во сите младински конкуренции. Нивна примарна цел не е учество на некој фајнал фор туку секоја година барем еден од нив да се приклучи на сениорскиот дел.