Skip to main content

Буково

Правна акција против нелегалните депонии

Депонијата Буково ќе работи се додека не се изгради регионалната депонија. Според најавите од Министерството за животна средина градбата се очекува да започне во 2024 година. Во меѓувреме Македонското здружение на млади правници подготвува тужба за охридската по теркот на струшката депонија. Буково требаше да биде затворена и санирана до крајот на 2022 година според Планот за управување со охридскиот регион. Реактивната мисија на УНЕСКО, пак, уште во 2017 година бараше депонија да се затвори до декември 2020 та.
 |  инфодеск  | 
Буково Депонија

Неизбежно е преземање соодветна правна акција како за струшката така и за нестандардната депонија Буково во Охрид. Постапката низ судските инстанци за затворање и дислоцирање на струшката депонија е веќе во тек.  По однос на ова прашање веќе е воспоставена судска надлежност, којашто е поткрепена со богатата пракса на Европскиот Суд за човекови права. Глигор Ќатоски застапникот на Македонското здружение на млади правници вели депонијата во Буково е поголема и поопасна од струшката и дека што побрзо треба да се побара, државата да си ги врши своите обврски согласно законот за управување со отпад и  законот за животна средина.

„Во постапка сме за подготвување на тужба и за депонијата во Буково, она што мене ме фрапира е дека таа депонија е во уште полоша состојба, таа е многу поголема и полошо се менаџира од струшката депонија, така да нејзиното штетно влијание е уште поголемо по однос на животната средина и здравјето и животот на луѓето. Сметам дека во најбрзо можно време треба да се изградат регионалните депонии, но паралелно со изградба на регионалоната депонија треба да се отпочне постапка за отстранување на големите диви депонии коишто се направија.“, кажа Глигор Ќатоски.

Според препораките на УНЕСКО крајот на 2022 година требаше да биде крајниот рок на затворање на оваа нестандардна депонија. Но алтернативата во вид на регионална депонија однонсо воспоставување на интегриран регионален систем за управување со отпад не беше ни на повидок. Несогласувањата за  локацијата за  регионална депонија, првично  предвидена во Дебрца односно во сливот на Охридското езеро, како и обезбедување средства за целиот проект речиси го закочија процесот. Откако беше утврдена нова локација за постројката во битолско Новаци работите почнаа да се придвижуваат.

„Изгласувањето законот за заем и потпишувањето на Договорот со ЕБРД траеше подолго од очекуваното. Но,  сега ги имаме обезбедено потребните финансии за започнување на градба на инфраструктурата и за обебзедување на опрема потребна за воспоставување на регионалниот систем за управување со отпад. Се подготвува тендерска документација, и очекувано е да се отпочне со градба најдоцна 2024 година.“, велат од Министерството за животна средина и просторно планирање.

Почетокот на експлоатација на оваа депонија датира од далечната 1973 година и во неа се депонира комунален отпад од општина Охрид, а служела и како алтернативна депонија на други општини. Во неа дневно се депонираат околу 670 м3 комунален отпад, додека во летниот период, дневното депонирање е поголемо и достигнува до 1.100 м3 комунален отпад или вкупно 260.000 м3 комунален отпад годишно.