Православните христијани го слават Христовото раѓање
По светата архиерејска литургија во храмовите, тие во кругот на своите семејства и најблиските на свечен ручек заеднички ќе ја споделат радосната вест за раѓањето на Исус.
Христос се роди-Навистина се роди! Вака утринава се ширеше радосната вест за христовото раѓање во охридските православни храмови. Денес православието го слави најсветлиот ден, раѓањето на спасителот Исус Христос. Верниците побрзаа во храмовите најпрво да ја чујат светата архиерејска литургија, да се помолат за здравје, радост и бериќет. Ги запрашавме верниците како тие со своите семејства ќе го одбележат овој најсветол ден во православието.
„Како и сите православни во Македонија, така и ние, радосно, весело, со фамилијата, со пријателите, со роднините, традиционално.“
„Како и сите православни верници, прво со бадниково гранче, со бадникова вечера посна, а потоа доаѓаме в црква еве да се помолиме за здравје, за среќа и го славиме сега Божик“.
„Го прославуваме со месење на погачи, пити, некои печива, некој баклава прави, сукани работи.“
„Дома, заеднички сите, убаво, весело, посиромашко, ама тоа е.“
„Божик како еден од најголемите христијански празници, раѓањето Христово, го прославуваме со семејството, во домашна атмосфера, со богата трпеза, и потоа одиме кај нашите најблиски роднини и пријатели да ги посетиме. Честитаме, Христос се роди-Навистина се роди!Го честитаме христовото раѓање на сите православни верници.“-рекоа дел од верниците.
Верата меѓу луѓето е голема, затоа и храмовите денес насекаде се полни, вели отец Сашо од црквата „Свети Ѓорѓија“.
„Денеска секој православен христијанин, секое православно семејство најдобра прослава ќе направи доколку дојде на света божествена литургија. Тоа е централен настан денес во црквата и тоа е најважното. Ние скоро секој ден се збираме на еден заеднички ручек, но денеска е особено што се збираме на заеднички ручек во храмовите, во црквата, каде што се причестуваме со телото и крвта на нашиот спасител Исус Христос. Луѓето многу даваат значење на тоа со кого ќе бидат, како ќе бидат на овој настан, па некои обичаи ќе врзат, но најважна е светата божествена литургија, без присуство на литургија православниот христијанин нема да ја почувствува радоста, среќата и убавината на овој празник.“-рече отец Сашо.
Традиционално православните семејства го празнуваат Божик со богата трпеза на која е присутно целото семејство. На тој начин ја покажуваат меѓусебната љубов и верба, а и љубовта и вербата кон божјиот син Исус Христос. Оттука и народната, кај и да си, пред Божиќ, за Божиќ, дома да си.