Православните христијани се подготвуваат за Бадник
Бадник е ден на радоста кој верниците го поминуваат во будност очекувајќи го доаѓањето на Спасителот меѓу луѓето како богочовек, вели отец Љупчо Симиџиоски. На Бадник во црквата се служи Утрена богослужба заедно со Царски часови, а потоа вечерна заедно со Василиева Литургија. Светата богослужба ги подготвува верниците телесно и духовно да го прослават Богомладенецот Христос.
Празникот Бадник или бдеење во очи на нешто големо што ќе се случи, а тоа е раѓањето во тело на нашиот Спасител Исус Христос. Бог Од преголема љубов, она што го вети на нашите прародители Адам и Ева сега се исполнува во свое време – вели Симиџиоски.
Бадник кај народот е богат и со обичаи кои се разликуваат во различни региони. Она што е заедничко покрај коледарчињата и коледарските песни, се богатата посна трпеза околу која се собира семејството на вечера, бадниковото дрво и коледарските огнови. Коледарчињата кои се симбол на ангелите, последниве години ја пеат духовната песна Вечниот Бог наместо некои песни со несоодветна содржина, вели Отец Симиџиоски и додава дека полека се отфрлаат и некои пагански обичаи поврзани со празникот.
Има една изрека „Лошите обичаи ја расипуваат добрата вера“. На некои места во Македонија толкав предзнак ќе се даде на Бадник место на самиот празник Божик. Црквата е будна и свесна за тоа, меѓутоа тоа постепено се решава во самата црква. А во Охрид и охридско самиот празник Бадник ни е подготовка за големиот настан, за Рождеството Христово – кажа Симиџиоски.
Обичајот на палење огнови за Бадник пак, годинава доби повеќе на актуелност поради енормно високото аерозагадување деновиве. Во Охрид и охридско скоро и да не се практикува, но во други места од југозападниот регион и од земјата се палат коледарски огнови како можност за дружење пред божиќните празници. МПЦ секоја година упатува апел да не се палат бадникови огнови, собраните дрва да се донираат на социјално загрозените семејства, а верниците ги повикува на богослужба наместо околу оган.
твм.мк