Skip to main content

ОУ Григор Прличев Охрид

Празник на детето во ОУ „Григор Прличев“ Охрид

Денеска се одржа завршниот настан од одбележувањето на Светската недела на детето. Првачињата дадоа свечена заклетва за прием во детската организација. А приредбата со музички точки и игра го исполна училишниот двор со радост.
 |  Маја Савиќ  | 
Svetska nedela na deteto

Денеска 134 првачиња во ОУ „Григор Прличев“ гласно ја кажаа заклетвата за прием во Детската организација. Училишниот двор бликаше од радост на свечената приредба со која се заокружи одбележувањето на Светската недела на детето. Училиштето изминатава недела под мотото “ИМАМ ПРАВО ДА ЖИВЕАМ СРЕЌНО И ЗДРАВО” со низа едукативни, креативни и забавни содржини им го приближи значењето на детските права и обврски на своите ученици.

„Детската недела, првата недела од месец октомври, училиштето ја одбележа со низа активности почнувајќи со спортскиот ден, за да продолжи со активноста „Во учителското руво“. Исто така имавме организирано ден за детска уметност  “Фестивал на ликовни творби“, го конституиравме ученичкиот парламент и завршуваме со приредба за приемот на првачињата во Светската детска организација.“ – изјави за ТВМ, Лилјана Ефтимовска – Директорка на ОУ „Григор Прличев“.

На денешната прослава третооделенците со музички точки и игра им посакаа добредојде на своите другарчиња првачиња во светската организација. Наставниците, пак,  им порачаа  да уживаат во своето детство, истовремено ветувајќи им дека тие се секогаш тука да ги образуваат и охрабруваат во стекнување и покажување на своите знаења, таленти, и способности.

ОУ „Григор Прличев“ преку целата година е активно на полето на организирање воннаставни содржини за своите ученици како и учество во најразлични проекти.  Целта е низ учење да се зајакнува другарството, децата да ги учат вистинските вредности, да ги прифаќаат различностите како и подигнување на свесноста за се што ги опкружува  во општеството, вели директорката Лилјана Ефтимовска.

„ Активностите ги реализираме со максимален ангажман на наставниците, исто така  имаме многу добра соработка со Советот на родители и максимална поддршка во реализација на проектите и се разбира целта е децата да се активираат и малку надвор од она што е нивно училишно секојдневие во вон наставни активности. Ги поттикнуваме да бидат вредни, трудољубиви и среќни.“ – вели Ефтимовска.

Светската недела на детето е потсетник дека постојано треба сериозно и посветено да вложуваме во децата и да ги подобруваме условите во кои тие учат и растат. Во ОУ Григор Прличев Охрид учат над 1000 деца на кои училиштето им е како втор дом.