Пред шалтерот на Центарот за социјални работи расте редицата луѓе кои поднесуваат барања за социјална помош
Луѓето останале без редовна или сезонска работа па бараат разни видови помош, информираат од Центарот за социјални работи. Досега на нивниот список се евидентирани 100 семејства од најтежок социјален ризик.
Зголемен бројот на лица кои бараат помош од државата. Пандемијата удира се посилно врз стандардот на се поголом број граѓани. Луѓето остануваат без редовен работен однос или сезонска работа па бараат помош од држвата. Се зголемува редицата на луѓе кои чекаат пред шалтерот од Центарот за социјални работи со барања за социјална помош. Имаме зголемен број на подносители за барања за гарантирана минимална плата, лица кои бараат еднократна парична помош или барања за нега за трето лице, информира Ајтен Мусли директор на охридскиот Центар за социјални работи.
„Овој месец мислам дека ќе има поголем број баратели. Претходниот месец за март исплатите на парична помош беа исти како претходниот месец. Меѓутоа, овој месец сигурно ќе има зголемување на бројот на еднократна помош, гарантирана минимална плата и социјална пензија, ќе има зголемување од сите категории“, се очекувањата на директорката Мусли.
Шалтерот на центарот работи од 8.30 до 13 часот и ние сме во фаза на примање на документацијата за месец април. Во мај ќе го знаеме бројот на баратели кои оствариле право на помош од држвата. Секојдневно ги обработуваме податоците и ги праќаме во министерството , вели директорката на центарот. Во моментов има 100 -тина семејства кои се во тежок социјален ризик,а за позагрозените случаи реагираме веднаш, вели Мусли.
„Ако се најде некој позагрозен или има починато лице имаме еднократна помош. Помагаме и во итни случаи. На загрозените семејства им поделивме дезинфекциони средства и се надевам дека ќе имаме донации од ресорното министерство и Црвен крст за најранливата категорија граѓани кои примаат гарантирана минимална плата“, вели Мусли.
Во минатиот месец 70 најзагрозени семејства добиле еднократна помош за најразлични потреби меѓу кои лекување и патни трошоци за болнички преглед. 45 лица, пак од понеделник до петок добиваат еден оброк од народната кујна.