Skip to main content

Црвен крст охрид

Предавање за рак на грлото на матката во Младински центар

Во четврток со почеток во 17 часот во просториите на Младинскиот центар Охрид ќе се одржи предавање за рак на грлото на матката.
 |  инфодеск  | 
Предавање рак

Посветени на своите активности во Здравствено-превентивната дејност, а во рамки на одбележувањето на Неделата на борба против ракот од 1-8 март, под мотото „Знаењето спасува живот“, Црвен крст Охрид организира активности насочени кон подигање на јавната свест кај општата популација за превенција и навремено дијагностицирање на малигните заболувања. 

Во таа насока, а имајќи ги во предвид податоците за застапеноста и зачестеноста на појавата на рак на грлото на матката кај женската популација, Црвен крст Охрид во соработка со Младинскиот центар Охрид организира предавање на тема „Рак на грлото на матката-причини, симптоми, тестови, стадиуми, превенција и лечење“, кое ќе се реализира на 02.03.2023 (четврток) со почеток во 17 ч., во просториите на Младинскиот центар Охрид (Касарна Охрид). Предавач ќе биде Д-р Јасна Митреска, спец.гинеколог – информираат од Црвен крст Охрид.

Секоја година во светот, над 12 милиони луѓе заболуваат од некој вид на рак, а 7,6 милиони луѓе умираат како последица на болеста. Во нашата држава, годишно се откриваат преку 6 илјади нови случаи на заболени од рак. Овие бројки се навистина застрашувачки и алармантни.

Експертите од Меѓународната унија за рак и Светската здравствена организација нагласуваат дека приближно 40% од карциномите можат потенцијално да се спречат и ризикот од развој на ракот може значително да се намали со примена на едноставни превентивни мерки и практикување на здрави животни навики. Не се двоумете да дознаете повеќе за ракот на грлото на матката и грижата за своето здравје ја подигнете на повисоко ниво, велат од Црвен крст Охрид.