Предлог програма за заштита на луѓето од кучешки напади
Денес пред охриѓани беше презентирана Предлог програма за заштита на луѓето од кучешки напади. Ефто Стојаноски-дресер на кучиња од Охрид ја изготвил оваа програма поттикнат од се позачестените напади на агресивни кучиња врз граѓаните кои во неколку случаи завршија и фатално. Тој смета дека институциите треба посериозно да се зафатат со решавање на овој проблем кој зазема се поголеми размери.
Сe поголем е бројот на граѓани кои биле нападнати или каснати од куче, а има и такви кои фатално завршиле. Ова било причина Ефто Стојаноски-дресер на кучиња од Охрид да изготви Предлог програма за заштита на луѓето од кучешки напади која денес беше презентирана пред охриѓани. Пред две години тој издал и книга на оваа тема, но институциите останале глуви на проблемот кој е се поевидентен. Стојаноски вели дека има начини како да се спречи оваа појава, а при тоа да не бидат загрозени кучињата, а граѓаните да бидат заштитени. Причини за вакво агресивно однесување на кучињата има повеќе.
Главна причина е неправилното чување на кучињата и нивно неправилно дресирање. Погрешните информации како едно куче треба да се одгледува и да се чува. Давањето приоритет на заштитата на животните, а при тоа без да се навлезе подлабоко во проблемите. Кучињата треба да се згрижат, но треба да се заштитат и граѓаните, објаснува Ефто Стојаноски-дресер на кучиња.
Предлозите од програмата за заштита на луѓето од кучешки напади ќе бидат доставени до надлежното министерство за тие да размислат како ќе го решаваат овој проблем и како ќе ја подобрат законската регулатива. Во моментов никој нема ингеренции да интервенира доколку има појава на агресивност кај куче кое е скитник.
Многу значајно е во секоја општина овластено стручно лице, инспектор да ја следи состојбата на терен и доколку забележи кучиња кои се агресивни и кои се потенцијална опасност за граѓните да преземат мерки. Шинтерска служба мора да има и да се залови тоа куче, објаснува Стојаноски.
Стојаноски предлага општината да направи мали стационари во кои привремено ќе ги смести агресивните кучиња кои стручни лица ќа се обидат да ги дресираат. Доколку и понатаму кучето е опасно за луѓето тогаш тој смета дека треба да се врши еутаназија.