Предлози како до подобра детска и социјална заштита во општина Охрид
Претставници од невладиниот сектор и од училиштата ги споделија проблемите и побараа финансиска поддршка за надминување од локалната самоуправа. Од општината ветија дека барањата ќе влезат во планирање на развојниот буџет за 2022 година во рамките на можностите.
Претставници од образовни институции, невладиниот сектор и граѓани учествуваа на трибина каде што се даваа предлози како да се подобрат детската и социјалната заштита во општина Охрид. На средбата се слушнаа потреби и проблеми на здруженијата на лица со посебни потреби, здруженијата на родители на деца со церебрална парализа, потребите на подобрување на условите во основните и средните општински училишта. Меѓу изнесените предлози се изгградба на пристапни рампи за лицата со инвалидитети насекаде низ градот, обезбедување чуварски служби во училиштата, како и формирање на дневен центар за децата со посебни потреби. Весна Габелоска од името на повеќе здруженија на родители на деца со посебни потреби и со церебрална парализа ја сподели потребата од финансиска поддршка на општината за функционирање на дневен центар за згрижување на овие лица.
Има потреба од итно отворање на дневен центар за деца со посебни потреби. Голем број од овие деца посебно оние со церебрална парализа живеат во изолација. За да се изнесе од дома едно дете кое не оди е многу тешко. Некои семејства живеат во згради, на спрат каде што нема лифт. Кога детето е големо физички не може да го слезите долу – истакна Габелоска.
Општина Охрид како организатор на трибината ги слушна потребите кои ќе ги земе во предвид при планирањето на буџетот за 2022 година. Димитар Спасески, од секторот за образование при Локалната самоуправа, напомена дека општината има намера да ги поддржи предложените барања во рамките на расположливиот буџет кој ќе се планира за следната година. Побара од предлагачите да изготват елаборати со финансиска рамка за предложените проекти за да се вклучат и општински проектни тимови во изготвување на апликации до фондовите кои им стојат на располагање. Најави и извесни измени при инвестициски планирања во општинските образовни институции.
Годинава правиме измена во програмите. Трите програми за основно, средно и детската градинка ќе се со годишни програми, а програмите што овозможуваат капитални инвестиции за основите, средните школи и детската градинка ќе ги направиме развојни програми 2022-2025. Повеќе ќе имаме можности да се отвориме кон донатори кои ќе финансираат активности на база на програми и тоа ќе е полесно за општината – вели Спасески.
Општина Охрид дополнително објави и повик од областа на социјалната заштита за аплицирање идеи и проекти кои ќе бидат дел од буџетот.
Во тек е изработката на предлог програмите за работа и креирање на буџетот за работа во 2022 година кој кон крајот на декември ќе се најде пред усвојување на градскиот совет.