Skip to main content

Дискусија

Предлози за заштита на Охридското езеро

Експертите за екологија препорачуваат подобрување на колекторскиот систем и изградба на прописна марина. Се слушнаа предлози како да се зачуваат неговите природни реткости, а меѓу нив е и развој на едриличарството.
 |  Валентина Неловска  | 
едрење

Во пресрет на Денот на Охридското Езеро, 21 јуни се одржа дискусија како да се заштити езерото од деградација. Се дадоа предлози од голем број еколози, експерти за екологија, спортисти.

Претстојат голем број предизвици за да се спречи уништувањето на едно од најстарите езера во светот. На дискусијата со тема „Запознај го едрењето – заштити го езерото“ беа споделени видувања зошто да се развива едрењето и инфраструктурата поврзана со него.

Будимир Соколовиќ, претседател на Едриличарската федерација на Република Македонија, зборуваше за едрилиците кои припаѓаат во категоријата на користење на обновливи извори на енергија.

Едрењето има свое место во спортот, туризмот, екологијата, рече Соколовиќ. Сподели дека е потребно да се поддржат едрилиците кои користат ветер, да се изградат марина, сидришта, пристапи до туристичките населби и батерии за полнење на електричните мотори.

Состојбата во однос на моторните пловни објекти наспроти едрилиците е 60 наспрема еден. Јас се надевам во блиска иднина тој број барем да е обратен 60 едрилици наспрема моторните пловила. Следна фаза е свртување кон емисија на нула јаглероден диоксид, едрилиците да немаат никаков импакт врз езерото и околината, моторите да се заменат со електрични мотори – кажа Соколовиќ.

Даниел Богнер, експерт за заштитени подрачја, изработи студија за валоризација на заштитата на езерото. Час поскоро треба да се преземат акции за езерото да не биде ставено на листата на загрозени подрачја, кажа Богнер.

Една акција е да се подобри колекторскиот систем, а другата е да се изгради прописна марина. Позитивно е што има добра волја од општините и од Владата за долгорочно решавање на проблемите кои се заканаа за езерото, напоменува Богнер.

Мора да се обрне внимание на чамците кои пловат по езерото. Нивното движење предизвикува бука и се нарушува мирот на живиот свет. Во добра насока е да се размислува да се заменат моторите на бензин со електрични мотори. Секако да има и повеќе едрилици – препорачува Богнер.

Во наредните години, со средства од буџетот на општината ќе го поддржуваме едрењето на Охридското езеро, вети охридскиот градоначалник, Кирил Пецаков. Има добра волја да ги надминуваме напластените проблеми, кои се неповолни за нас, кажа Пецаков.

Многу е сложена и голема темата, а и предизвиците кои се пред нас. Како во однос на урбаната деградација на градот и негрижата како да го чуваме езерото. Се доведуваме во комплицирана ситуација за нас, но чекор по чекор ќе ги надминуваме сите проблеми. Со студиите изработени од експерти ангажирани од институциите, но и со нивна финансиска помош и од државата ќе се надминат – рече Пецаков.

Градоначалникот Пецаков напомена дека од голема помош во справување со проблемите ќе им биде изработката на Планот за управување со Охридскиот регион, 2019-2028 година. Чекаме повеќе од 2 години за да се донесе планот, напомена притоа Кирил Пецаков.