Во прекин осветлувањето на дел од регионалниот пат Охрид – Свети Наум
Речиси цел месец, дел од овој регионален патен правец, во должина од два километри е во целосен мрак.
Осветлувањето на дел од регионалниот пат А3, Охрид -Св. Наум, речиси еден месец во прекин, реагираат граѓаните, кои живеат во пригратските населби на Охридското езеро. Велат дека делот на оваа сообраќајница и тоа од „Хидробиолошкиот институт“ па се до клучката кај хотелот „Инекс Горица“, е во целосен мрак. Опасноста е дотолку поголема, бидејќи станува збор за дел од сообраќајницата на која во минатото се случувале голем број сообраќајни незгоди. За објаснување се обративме до Јавното претпријатие „Државни патишта“.
Кирил Каркалашев помошник раководител на Секторот за одржување при Јавното претпријатие „Државни патишта“, не информира дека причина за дефектот е прекин на кабелот за напојување со електрична енергија, до кој дошло поради поставување на еластичната ограда за зголемување на безбедноста на регионалниот пат. Каркалашев објасни дека нивните екипи веќе во текот на оваа недела ќе го санираат дефектот, со објаснување дека моментално временските прилики не дозволуваат да се пристапи кон зафат од ваква природа.
Инаку до пред неколку месеци обврската за одржување на осветлувањето на овој патен правец беше обврска на Локалната самоуправа од Охрид, за да од 31 мај годинава за осветлувањето се грижи Јавното претпријатие „Државни патишта“. Станува збор за повеќе од 220 канделабри кои се поставени на дел од овој регионален патен правец.
{loadposition content9}