Skip to main content

Со премиера на претставата „Оркестар Титаник” Народниот театар Охрид ќе прослави 15 години постоење

Зад театарот стојат години исполнети со предизвици, креативни процеси, успеси и лични и професионални растења на актери кои ја граделе сцената во Охрид. Публиката отсекогаш била главната инспирација за ансамблот на охридскиот театар, истакна на денешната прес-конференција актерот и директор на Центарот за култура, Горан Стојаноски.
 |  Маја Савиќ  | 

Со ретроспективна изложба и премиера на театарската претстава -“Оркестар Титаник ” утре ( 3 јуни ) Народен театар Охрид ќе ја одбележи 15 годишнината од основањето.

Зад театарот стојат години исполнети со предизвици, креативни процеси, успеси и лични и професионални растења на актери кои ја граделе сцената во Охрид. Публиката отсекогаш била главната инспирација за ансамблот на охридскиот театар, истакна на денешната прес-конференција актерот и директор на Центарот за култура, Горан Стојаноски.

15 години од, да се изразам, едно клокотење. А зашто го користам овој израз? Оваа екипа и другите актери кои се дел од овој ансамбл, 15 години се излезени на сцена, повеќе од 10.000 пати, вклучувајќи ги и пробите, и секогаш…. ни клокоти ( внатре во нас). Зашто го почнав овој прес вака? Затоа што мислам дека суштината на прославата е прославување на одредени човекови вредности. Прославуваме една сериозна издржливост, креативност, инспиративност и она што е најважно, како низ овие 15 години поминавме детски болести, имавме катарзи, падови, преврти… Имавме копуци, мислам како улоги, се разбира. И благодарноста е до сите кои биле дел од овие сериозни процеси кога е во прашање Народниот театар во Охрид. Искрено, тоа не е мала работа. “ – кажа Стојаноски.

Претставата „Оркестар Титаник“ е 46-та премиера на Народниот театар Охрид, работена по текст на Христо Бојчев, а режијата ја потпишува Андреј Цветановски. Улогите ги толкуваат Никола Тодороски, Стрезо Стаматовски, Филип Кипровски, Верица Недеска и Томе Станковски.

Режисерот Андреј Цветановски потсети дека беше дел од самиот почеток на обновениот охридски театар, кога ја режирал првата премиера „Метаморфози“, а сега повторно е дел од значаен јубилеј.

Оркестар Титаник“ е една интересна приказна која во себе носи апсурд, но носи и нешто многу човечко, а тоа е потрагата по надеж. Бидејќи надежта е, како да кажам, основна мерка, единица за нешто што е човечко. А тоа се луѓе коишто живеат на една напуштена железничка станица и ја бараат својата надеж. Но низ потрагата по надеж, доаѓаат до едно битно прашање, кој сум јас и каде сум во во постоењето на човекот. Направивме една претстава којашто е емотивен рингишпил. Се надевам дека на публиката ќе ѝ се допадне“ – рече Цветановски.

Актерката Верица Недеска смета дека токму овој текст е вистински избор за одбележување на 15-годишнината на театарот бидејќи зборува за надежта, припадноста и личната среќа, а воедно претставува и нејзино враќање на сцената на која ја започнала љубовта кон театарската уметност.

Јас лично како актерка, како охриѓанка, љубовта кон театарот ја развив токму овде и потоа животот ме однесе на разни патишта, навака-натака, но еве повторно сум назад и огромно задоволство ми е дека можам да бидам дел од оваа исклучително инспиративна екипа и да работам на овој проект „Оркестар Титаник“. Првпат со Андреј, но се надевам не и последен. Бидејќи навистина се согласувам со него, имавме исклучително забавен и инспиративен процес. Горан, како човек којшто ми ја дал првата шанса уште пред појавувањето на официјално реобновувањето на охридскиот професионален театар, морам да кажам дека ми ја всадил таа некоја желба и надеж. И сега е одлично чувството да се врати човек дома, бидејќи театарот е дома. “ – кажа Недеска.

Како и во секој ансамбл, изминатите 15 години имше турбуленции, подеми и падови, но за сето време публиката чувствуваше дека градиме една приказна којашто е навистина убава. кажа актерот Никола Тодороски и додаде дека Оркестар титаник е черешна на роденденската торта на театарот.

Претставата обработува многу голем аспект на разни емоции, прашањата што ги поставуваме, па едно од најважните прашања, веројатно коешто сите секојдневно си го поставуваме, меѓутоа не забележуваме колку често го поставуваме, а тоа е, што е вистината за нас? Што е вистинско? Значи, многу често во нашите глави се создаваат илузии коишто нè прават да се чувствуваме вака или онака. И кога ќе се соочиш сам со себе и кога ќе допреш малку подлабоко, сликата станува појасна. И во сите тие мачни времиња, понекогаш е потребно малку магија за да се случи пресврт. Она што го нуди оваа претстава е дека, колку долго и да тонеме заради општествените или личните случувања, ако добро се заслушаме, сепак музика се слуша и на дното на океанот. “ – кажа Тодороски.

15 години Народен театар Охрид не е само роденден, туку е една силна платформа за сите оние нови уметници коишто размислуваат да ни се придружат во рудникот, како што милуваме ние да кажеме, со таа разлика што кога ние бевме нешто помлади,немаше опција, а сега веќе има театар на здрави нозе, со проекти коишто говорат за неговата сериозност и екипа којашто се надевам дека ќе се проширува, рече актерот Стрезо Стаматовски. Кажа дека јубилејната претстава носи комплексни ликови на сцена од кои некој е вербата, некој е редот, други интелектот.

Ликот којшто го играм јас е предводен пред сè од идејата дека универзумот секогаш мора да има смисла, мора да има интелектуално објаснување, мора да има одредена логика. Но, се случуваат нели и работи на таа станица каде што живеат овие ликови, коишто се необјасниви со разум. Тој лик сè повеќе и повеќе се фрустрира, станува агресивен, станува уморен, знае да љуби, знае да убие, знае да се грижи. Баш ми доаѓа една многу интересна мисла на памет кога го кажувам сето ова, дека универзумот практично не е облигаторен, односно немa зошто нам да ни даде одговор зошто истото постои.. Ние можеби сме стигнале до одредена свесност да, ете, дотука можеби да откриеме која е смислата на животот и зошто сите постоиме. Можеби и тоа е навистина одговор на смислата на животот, едноставно да се препуштиме на она коешто нема одговор. “кажа Стаматовски.

Според актерот Филип Кипровски охридската публика можеби не е ни доволно свесна колку важно и квалитетно нешто има во својот град во смисла на Народниот театар Охрид.

Има една еден едно нешто, еден принцип што исто така ми доаѓа на памет кога ќе кога ќе ја размислам темата на претставата, а тоа е нешто што се вика joie de vivre или среќата на постоењето. Колку на едно основно ниво нашите ликови таму се среќни што воопшто постојат, што сакаат да постојат и што сакаат да не исчезнат. Ќе го видите тоа на сцената, а и морам да признаам дека јас ја чувствувам таа вистинска, исконска среќа на постоењето што 12 години постојам и сум дел од ансамблот на овој театар. Чест и задоволство ми е секоја една проба и вистинска среќа ми претставува што сум дел од театарот и тука со сите овие колеги, со сите овие прекрасни луѓе што сум имал можност да ги запознаам и да ја делам сцената и да делам секојдневие со нив.“ – кажа Кипровски.

Томе Станковски, кој за првпат соработува со дел од ансамблот на охридскиот театар изрази благодарност за укажаната можност да биде дел од овој јубилеј кој е важен не само за Охрид туку и за државата и за културата воопшто.

Мојот лик е Луко, поранешен началник на железничка станица, којшто живеел во ред, контрола, систем, структура, правила и одеднаш сè до тоа го нема. Има едно комплетно дно и е во потрага по смисла. Трагикомичен лик, којшто останува да го видите не само него, туку и односот со другите ликови. Мислам дека ќе ви се допадне многу, а она што можам да ветам е една бура од емоции во самата претстава и една енергетска бомба од наша страна.– кажа Станковски.


Сценографијата и костимите се дело на Сергеј Светозарев, музика Димитар Андоновски, инспициент Филип Ангелични Жура, тон Никола Јосифоски, светло Борис Уљански, гардероба Деса Лазороска и Дина Мефо, реквизита Соња Крстановска, Маријана Колоска, декоратери Ѓоко Китоски, Горан Георгиевски, Јане Вељаноски, Кире Ангелоски.


Премиерата на „Оркестар Титаник“ е закажана за 3 јуни со почеток во 20 часот.

Во рамки на одбележувањето на јубилејот, истиот ден во 19:30 часот во галеријата при НУЦК „Григор Прличев“ ќе биде отворена изложбата „Историска патека на театарски претстави“. Посетителите ќе имаат можност да проследат ретроспектива на најзначајните претстави на Народниот театар Охрид преку костими, сценографски решенија и архивски материјали.

Претставата, покрај премиерната изведба, охридската публика ќе може да ја погледне и на 5 јуни со почеток во 20 часот.