Премиерот Заев ги претстави приоритетите на владиниот проект „21 за европски стандарди дома“
Во 10 те клучни приоритети на земјава меѓу кои се прочистување на правосудниот систем и борбата со корупција, се и намалување на аерозагадувањето и следењето на трендовите и политиките на ЕУ во поглед на енергетиката.
Премиерот Зоран Заев ги најави приоритетите од иницијативата „Европски стандарди дома“. Помеѓу клучните приоритети на земјава се прочистување на првосудниот систем и борбата со корупцијата. Премиерот ги посочи и проектите за намалување на аерозагадувањето во земјава за следната година.
„За 2021 во Програмата за намалување на аерозагадувањето се предвидени дополнителни 100 милиони денари за објекти за општините за замена на нееколошките системи за греење, зголемување на енергетската ефикасност и обновување на урбаното зеленило. Зголемени се до 20 пати казните за прекршување на животната срдина и во воведовме контрола на 24/7 за Државниот инспекторат за животна средина и локалните инспектори и ги зајакнавме нивните ингеренции“.
Министерството за животна средина и просторно планирање работи на закон за формирање комунална полиција на локално ниво, со која досегашните комунални инспектори и екопатроли ќе можат заеднички да преземаат мерки за сторителите на штетните активности, најави премиерот.
Меѓу проектите, премиерот ги посочи и оние за почисто работење на термоелектраните, кои се најтешките загадувачи на природата. 2021 година ја најави како година на новата македонска енергетика, зашто мора да се следат трендовите и политиките на ЕУ во поглед на енергетската транзиција, според кои до 2050 година европскиот континент треба да има нула емисии од секторот енергетика, кажа Заев.
Идната година и официјално започнува проектот изградба на гасовод помеѓу Македонија и Грција.Во фаза на проектирање е гасоводна врска со Косово и Србија, со овие два проекти, Македонија ќе биде транзитна држава со природен гас и еден од главните играчи со природен гас во регионот, посочи Заев.
„Продолжува изградбата на магистралните гасоводи низ целата држава со засилено темпо. Идната година завршуваме со кракот до Битола, и до Тетово и Гостивар, а потоа продолжуваме со Гостивар-Кичево, Св. Николе-Велес, и делницата до Гевгелија и до ТЕЦ „Неготино“, и со заокружување на прстенот кон Охрид и Ресен до Битола. Во 2021 година започнува втората фаза од тендерската постапка за избор на приватен партнер за изградба на дистрибутивната мрежа на природен гас во сите општини“.
Интенција на Владините проекти е да се зголемат и процентите на заштитени природни подрачја во земјава меѓу кои се најави постапката за прогласување на Студенчишкото блато за парк на природата и донесување на планови за управување со НП, меѓу кои и НП Галичица, како и Планови за управување со заштитените подрачја.