Skip to main content

Еден од поголемите христови празници

Преображение Господово

На овој ден се прославува преображението на Христос на планината Тавор, кога Господ се појавил во сета Негова слава пред апостолите Петар, Јаков и Јован.
 |  инфодеск  | 
Преображение Господово

Празникот Преображение на Господ Исус Христос се слави секоја година на 19 август, односно 6 август според Јулијанскиот календар. На овој ден се прославува преображението на Христос на планината Тавор, кога Господ се појавил во сета Негова слава пред апостолите Петар, Јаков и Јован.

Народни верувања и обичаи

Преображение Господово е еден од оние осум големи Христови празници, кога, според народното предание, во зора почнуваат да се преобразуваат и гора и вода, најавувајќи ја идната есен. На Преображение се преобразува и листот и гората и каменот во водата, листовите почнуваат да жолтеат и да опаѓаат, а водата станува постудена па не е за капење. Кај луѓето на Преображение се случуваат промени-кој преку лето поцрнел, почнува да белее. На Преображение и небото , во глува доба три пати се преобразува. Кој тоа го види и на друг му каже, се верувало дека ќе го изгуби паметот. Според распространетото верување, на Преображение не е убаво преку ден да се спие, бидејќи кој тој ден поспие, ќе се преобрази, па цела година ќе биде дремлив и поспан. Не е добро овој ден да се плаче, ниту луѓето цел ден да го поминат во кафана – да не им помине во навика и да не станат безделничари и расипикуќи. Преображение спаѓа во христовиот пост на кој жените постеле, а овој ден е обичај, никој, без исклучок да не мрси. Понекогаш се постело и поради дивите зверови. Било обичај тој ден да се јадат риби и ракови. Во некои краеви на Преображение се берат лешници и преку целата година се чуваат за лек, кога некој ќе го заболи увото. Се верувало дека, кога на болен ќе му се дадат вакви лешници да ги изеде, тој оздравува. Во некои места било обичај на Преображение жеби и девојки да станат пред сонце и „малку да поработат од секоја женска работа“, бидејќи се верувало дека Бог ги преобрати (преобрази)нда бидат вредни, а после не работат ништо цел ден.

Според народното верување тогаш за прв пат во годината се бере грозје и се носи во црквата каде што свештеникот по молитвата го благословува. Во краишта каде што нема грозје се осветуваат други плодови како јаболка, сливи и сл. Овој чин претставува и благодарност кон Господа за сите природни дарови на земјава. На Преображение во црквата се дава нафора и грозје. Тоа не е нафора во вистинската смисла на зборот, туку само благодарност кон Господа за плодовите.

Во народот постојат повеќе верувања поврзани со овој празник. Поради заладувањето на времето се верува дека на тој ден се преобразува природата. Лисјето на дрвјата почнуваат да венеат, а и водата станува студена поради што на Преображение луѓето за последен пат се бањаат во реките.

Марко Цепенков забележал дека до Преображение нефела да се јадит грозје дури не се пеит од попот и дури не раздаиш по комшии. Ова верување во врска со зајадувањето грозје во Скопје го запишал и К. Шапкарев: „До Преображение никој грозје не јаде како и во Охрид. Тогаш ќе однесат в црква и откако ќе го чита свештеникот со молитва слободно е за секого да јаде грозје“. И во Кумановско на овој ден прв пат во годината се берело и јадело грозје. Рано наутро се одело во лозјето каде се береле неколку убави гроздови кои се носеле во црквата да се „очати“, а потоа се раздавало за да се роди повеќе. Во Гевлелиско, како што запишал Стефан Тановиќ, уште спроти празникот децата ги миеле кошниците, зашто било обичај секој да оди во своето лозје и да набере грозје. Вечерта спроти празникот жените оделе во црквата каде што носеле варена пченица и литургија, а утрото на самиот празник пак оделе во црквата и носеле варена пченица и грозје „поп да гу пеје“. И овде се верувало дека пред празникот не треба да се јаде грозје и друг емиш, зашто е греота, а по празникот откако ќе се отпее од свештеникот може да се јаде.

Со Преображение е поврзано и верувањето дека ноќта спроти празникот небото се отворало како на Богојавление, се јавувал Бог и на сите што будни ќе го пречекаат тој миг им ги исполнувал желбите. Кон неколкуте приказни што раскажуваат за случки поврзани со тоа верување, слушани од баба му Арса Стрезова, К. Шапкарев го запишал и следново верување: „Веруваат дека на Преображење Господне или ноќта спроти 6 август, а како што велат други спроти Водици, секоја година се отворало небото и тога се поклонвеле дрвјата со врвовите до земја. Во тој момент кога ќе бидело небото отворено, шчо да посакал чоек од Бога, Господ ќе му даел. За докажвање вервањето оти је вистинско, простијот народ прикажвит некој приказни, и ʼи вервит како сосем вистински“.

Во врска со овој празник Д. Матов забележал дека во Велес се верувало оти „ноќта спроти Преображење се јавуе на небото Божја врата, се отвора небото, сам Господ се јавуе. Кој шчо је праф човек, може да је види Божја врата и, шчо да посака, му дава Госпот, ама вратата стои малку време отворена. За това мајките им викаат на децата да не спијат и да чекајат да ја видат Божја врата. Им прикажујат и приказната за тој шчо рекол: „Дај ми, Боже еден шиник глава“, место да рече: „Дај ми Боже еден шиник пари“ – и шчо му пораснала главата колку еден шиник та не можел да си ја извре главата од пармаклʼците, дури не ѓи искршиле“.

Интересни верувања од Охрид поврзани со овој ден забележал Ефтим Спространов. Тој сведочи дека спроти празникот „Преобрʼжеʼјне се отворало небото и било светло како оган“. Спространов, исто така, ги споменува верувањата за поклонувањето на дрвјата и за исполнувањето на желбите од страна на Господ и посебно укажува на приказната за тој што наместо осмак пари посакал осмак глава и за некој човек што го врзал телето за некое дрво кое во тој миг било наведнато па утрото го нашол обесено на врвот. Е. Спространов, уште забележал дека на овој ден во Студенчишта кај Охрид се собирале штрковите пред да заминат во потоплите краишта. „На Преобр’же’јне си одет штркојте и ластојците. К’де Студенчишта се берет со стотини околу еден црн штрк, дури ќа поцрнит полето. Неколку дена викет, кревет ѓурултија после ќе летнит црнијот штрк и сите по него ќе летнет. Црнијот штрк како цар да им је, како војвода“.

Очигледно празникот Преображение на Господ Исус Христос има длабока смисла во животот на Македонците. Еден важен период од годината кога и времето се преобразува, заладува и тргнува кон есента оставало впечаток и во свеста на Македонцетот па така нашло место и во неговите верувања и во народните умотворби.

Житие 

Третата година од Својата проповед на земјата Господ Исус почесто им зборуваше на Неговите ученици за Неговото скорешно страдање, но и за Неговата слава после страдањето на Крстот. За да не ги раслаби Неговото страдање та да отпаднат од Него, Он, Премудроста, сакаше пред да се случат страдањата делумно да им ја покаже Својата Божествена слава. Затоа ги зеде со Себе Петар, Јаков и Јован и излезе со нив ноќе на гората Тавор и овде се преобрази пред нив. И заблеска лицето Негово како сонце, а облеката му побеле како снег. И се појавија покрај Него Мојсеј и Илија, големите старозаветни Пророци. И видоа учениците и се восхитија. И Петар рече: Господи, добро ни е да бидеме овде; ако сакаш да направиме три сеници: една за Тебе, за Мојсеј една, а една за Илија. Но додека Петар уште говореше, се оддалечија Мојсеј и Илија и сјаен облак ги опфати Господ и учениците и дојде глас од небото: „Овој е Мојот возљубен Син, Него послушајте Го.“ Откако го слушнаа овој глас учениците паднаа ничкум на земјата како мртви и останаа така лежејќи во страв додека Господ не им пријде и рече: „Станете и не бојте се“ (Матеј 17). Зошто Господ ги зеде само овие тројца ученици на Тавор, а не сите? Зашто Јуда не беше достоен да ја види Божествената слава на Учителот, Когошто тој ќе Го предаде, а Господ не сакаше него сам да го остави под гората, та да не може предавникот со тоа да го оправда своето предавство. Зошто се преобрази на гората, а не во долината? За да н ѐ научи на две добродетели: на трудољубие и богомислие. Зашто искачувањето на височина бара труд, а височината ја претставува височината на нашите мисли, т.е богомислието. Зошто се преобрази ноќе? Бидејќи ноќта е попогодна за молитва и богомислие одошто денот и ноќта ја закрива со темнина целата земна убавина, а ја открива убавината на ѕвезденото небо. Зошто се јавија Мосјесј и Илија? За да ја разбијат еврејската заблуда дека Христос е некој од Пророците, Илија, Еремија или некој друг – затоа Он се јавува како Цар над пророците, и затоа Мосеј и Илија се јавуваат како слуги Негови. Дотогаш Господ многупати им ја покажуваше на учениците Својата Божествена моќ, а на Тавор им ја покажа Својата Божествена природа. Тоа видение на Неговото Божество и слушањето на небесното сведоштво за Него како за Син Божји требаше да им послужи на учениците во деновите на страдањето Господово за укрепување на непоколебливата вера во Него и во Неговата крајна победа.