Skip to main content

Денеска се празнува Преподобен Наум Охридски – Чудотворец

Преподобен Наум Охридски – Чудотворец вршеше чуда и за време на животот и после смртта. Неговите чудотворни мошти до ден денес восхитуваат со многубројни чуда, посебно со исцеленијата од тешки болести.
 |  инфодеск  | 
Свети Наум

Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 20 јуни. На овој ден се празнува споменот на Преподобен Наум Охридски – Чудотворец.

Ученик на Светите Методиј и Кирил и еден од Петточислениците коишто најревносно соработуваа со овие словенски Апостоли. Свети Наум патуваше во Рим, каде што се прослави со чудотворна моќ и со голема ученост. Знаеше многу јазици. Со помош на царот Борис Михаил, по враќањето од Рим тие се населија на бреговите на Охридското Езеро. Додека свети Климент дејствуваше како епископ во Охрид, дотогаш свети Наум основаше манастир на јужниот брег на езерото. Тој манастир и денес го краси брегот како што и името на свети Наум ја краси историјата на словенското христијанство и низ вековите беше извор на чудотворна сила и засолниште за болните и за неволните. Околу свети Наум се насобра мноштво монаси од сите страни на Балканот. Беше мудар учител, единствен раководител на монасите, одлучен подвижник, чудотворен молитвеник и духовник. Неуморно се трудеше и на преведувањето на Светото Писмо и на другите црковни книги од грчки на словенски јазик. Вршеше чуда и за време на животот и после смртта. Неговите чудотворни мошти до ден денес восхитуваат со многубројни чуда, посебно со исцеленијата од тешки болести, особено од лудило.

Свети Наум Охридски Чудотворецот починал на 23 декември 910 година, во манастирот „Свети Наум“, на возраст од 80 години и бил погребан лично од Св. Климент во манастирската црква.