Прва официјална средба помеѓу претседателот на Р. Албанија и Р. Македонија
Прва официјална средба помеѓу претседателот на Р. Албанија и Р. Македонија. Средбата се одржа во вилата Билјана каде двајцата претседатели разговараа за актуелни теми и тоа во четири очи.
Албанскиот претседател Бујар Нишани денес пристигна во Охрид на еднодневна средба со неговиот македонски колега д-р Ѓорѓе Иванов. Оваа средба која се одржа во вилата Билјана беше неформална и далеку од очите на јавноста бидејќи претседателите не дадоа изјави за медиумите . Како што информираа од кабинетот на претседателот со оваа посета продолжува претходно воспоставената динамика меѓу Македонија и Албанија за редовни средби на највисоко ниво.
Во фокусот на разговорите меѓу претседателот Иванов и претседателот Нишани беа досегашните билатерални односи и областите во кои постои неискористен потенцијал за зајакнување на соработката.
Претседателот Иванов ја потврди заложбата на Република Македонија за продолжување и натамошно развивање на добрососедските односи по пат на отворен дијалог.
Во однос на заедничката стратешка цел – членство во Европската Унија, двајцата претседатели се согласија дека евроинтеграцијата на државите од Западен Балкан е од суштинско значење за регионалната стабилност и развој, и ја потврдија заемната поддршка на овој план.
Иванов и Нишани на средбата разменија мислење и за актуелните прашања во регионот, споделувајќи го ставот дека сите спорни и отворени прашања треба да се решаваат преку дијалог и меѓусебно почитување.
Претседателот Иванов ја прифати поканата за посета на Република Албанија во блиска иднина, која воедно ќе овозможи поврзување на бизнис заедниците од двете земји.
Претседателот Иванов изрази длабоко жалење за сообраќајната несреќа, која утринава се случи на патот помеѓу Пеќ и Елбасан, во која припадник на придружбата на претседателот Нишани трагично го загуби животот. Македонскиот претседател го замоли својот албански колега да ги пренесе изразите на длабоко сочувство до семејството на трагично загинатиот.
И двајцата претседатели изразија задоволство од првата средба, оценувајќи ја како успешна.
{loadposition content9}