Skip to main content

Претседателката на Индија во посета на Охрид

Охрид под засилено полициско обезбедување поради посетата на претседателката на Индија.
 |  инфодеск  | 

Претседателката на Индија, Друпади Мурму, престојува во тридневна официјална посета на Македонија. Станува збор за прва посета на шеф на индиската држава на нашата земја.

Денеска, според официјалната агенда, претседателката Мурму ќе го посети Охрид, каде ќе ги разгледа културно-историските знаменитости и манастирскиот комплекс „Свети Наум“.

Поради посетата, во Охрид се воведени засилени безбедносни мерки, посебен режим на сообраќај и зголемено присуство на полициски службеници.

Од СВР Охрид информираат дека Полициската станица за безбедност во патниот сообраќај од вчера интензивно презема мерки за регулирање и обезбедување на сообраќајот, пред сè на булеварот „Туристичка“, но и на останатите улици и патни правци каде не е дозволено запирање и паркирање.

Сообраќајните мерки ги опфаќаат и магистралните, регионалните и локалните патишта кон Свети Наум, како и улиците, паркиралиштата во централното градско подрачје и стариот дел на Охрид.

Од СВР Охрид апелираат граѓаните да ги почитуваат насоките и наредбите на полициските службеници, а моторните возила да ги користат само доколку е неопходно или, каде што е можно, да изберат алтернативни начини на превоз.