Skip to main content

Претставен планот за воспоставување на Касарна Хаб

Општина Охрид и Стелар Солушнс денеска го претставија планот за воспоставување на Касарна Хаб, стартап центар во објект во поранешната касарна во Охрид. Касарна хаб е дел од проектот OHRID GO со кој општината сака областа на поранешната касарна да ја трансформира во технолошка и рекреативна зона. Тоа ќе се прави преку размена на знаења и искуства со стручни лица межу кои и денешниот гостин на презентацијата Ира Рубенштајн инвестициски консултант во областа на иновации. Во следните две години во Касарна Хаб планирани се низа настани, едукации, менторства и вмрежување на лица кои имаат идеи за иновативни бизниси со потенцијални инвеститори.

 |   | 

Касарна хаб во следните 2 години ќе биде местото на кое ќе се развиваат иновативни идеи за бизниси преку едукации, менторство, контакти со инвеститори. Општина Охрид и Стелар Солушнс денеска го претставија планот за воспоставување на овој стартап центар во објект во поранешната касарна во Охрид. Охрид е град со индустриска или инженерска традиција и тука е задржана културата на луѓето да ја избираат таа струка и да се насочат кон ИКТ секторот ( информатички и комуникациски технологии). Покрај тоа што првенствено хабот ќе им понуди помош и поддршка на лицата од тој сектор, на локалната заедница и компаниите, целта е Охрид да се стави и на мапата на дигиталните номади, истакна Дејан Дескоски  од Стелар Солушнс.

Целата идеја околу старт ап центарот е да го возобновиме запуштениот дел на поренашната касарна и да го ставиме во функција каде што младите ќе можат да придонесуваат во форма на идеи, а ние во форма на менторства, едукации и разни настани да ги поддржиме со цел да можат успешно да ги презентираат и пласираат своите идеи и производи на пазарот. Очекувам многу позитивен исход затоа што овој град мислам дека го заслужува тоа и има огромен потенцијал и не гледам простор за неуспех – истакна Дескоски.

Касарна хаб е дел од проектот OHRID GO ( Roads Not Taken: Municipality of Ohrid Going Green, Smart, Innovative ), финансиран од Европската унија. Се надевам дека овој проект ќе биде почеток на една агенда што Охрид ќе го претвори во „Зелен град“, кажа Ѓоко Апостолов, претставник од ТЛЕР.

Проектот претежно е насочен кон имплементирање на активности со цел обезбедување еден зелен град или Green city, формирање на старт ап центар и она што е можеби од најголемо значење е изработката на една генерална физибилити студија за понатамошен развој на целиот комплекс на старата касарна во технолошко рекреативна зона. Овој поект се надевам дека ќе биде само еден почеток на она што како локална самоуправа го имаме во нашата агенда, а тоа е подобрување на условите во Охрид со искористување на обновливи извори на енергија, намалување на загадувањето односно отпечатокот од јаглероден диоксид нешто што е во фокусот на ЕУ и генерално во светот – вели Апостолов.

На денешниот настан специјален гостин беше Ира Саул Рубенстеин, инвестициски консултант во областа на иновации и обновливи извори на енергија, кој работи на проект на градот Прага за рехабилитација на голема бивша индустриска зона во технолошки парк. Тој пред присутните го претстави проектот Праговка од кој може да се црпат искуства за она што сака Охрид да го направи во касарната.

Бев во обиколка на поранешната касарна и можам да кажам дека целиот комплекс е многу добро позициониран за да може повторно да се развие како технолошки  хаб, што е многу интересно, располага со многу можности, како што разговаравме со колегите. Бидејќи постои една цела генерација која не го користела просторот и токму поради тоа и овозможува на локацијата одново да биде замислена и одново искористена за една сосема различна цел. И за да може тоа да се направи во контекст каде постојат можности за развој на нови индустрии, нови компании во смисол на еден кластер е впрочем начинот на кој овој тип на бизниси се развиваат во светот. Мислам дека можноста тоа сега и тука да се направи е многу вреднаи однапред се радувам на можностада научам за новите перспективи и се радувам ако имам можност да бидам дел од тој некој нов развој – кажа Рубенстеин.

Визијата на општината е да ја трансформира областа на поранешната касарна од над 20 хектари земјиште и стотици квадратни метри во шест згради во рекреативен и деловен центар на градот кој ќе привлече жители, посетители, инвеститори, како и иновативни бизниси кои ќе дадат поттик на локалната економија. Вкупната вредност на проектот Ohrid GO изнесува 716.766 eвра, а партнери на Oпштина Охрид во проектот се Општина Воден од Грција и „Стелар Солушнс“ од Скопје.