Претставени учесниците на годинешниот Охридски пливачки маратон
На пригодна свеченост која се одржа вчеравачер на платото пред хотелот „Палас“ беа претставени учесниците на 36. Охридски пливачки маратон, што ќе се одржи во сабота на 26-ти август.
На патеката „Климе Савин“ во должина од 25 километри оваа година ќе запливаат вкупно 15 натпреварувачи од кои, шест во женска и девет во машка конкуренција. Оваа година покрај домашните пливачи, на маратонот ќе учествуваат и пливачи од Франција, Холандија, Италија, Аргентина и Турција.
Градоначалникот Кирил Пецаков во своето официјално обраќање на промоцијата упати искрени честитки до маратонците и им посака големи спортски успеси, а воедно се заблагодари и на сите вклучени во организацијата на овој голем спортски настан.
„Со голема гордост стоиме овде денес, да го прославиме предизвикот пред кој застануваат учесниците на овогодинешното издание на нашата најзначајна спортска манифестација, Охридскиот пливачки маратон, кој доаѓа како круна на првото издание на Ohrid Water Festival.„Почитувани пливачи, секој од вас е вистински инспирација, симбол на дисциплина и одлучност, па затоа искрено Ви посакувам оваа денешна промоција да биде важна станица на вашиот пат кон успехот. Пливањето во кристално чистите води на Охридското Езеро е неповторливо доживување, а секој испливан километар ќе ве потсети на богатството на нашата природа и древните корени. Овде пливањето не е само физичко задоволство, туку и духовно исполнување, кое ви ја доловува уникатноста на ова магично место. Во мое лично име и во името на охриѓани, ви посакувам да остварите големи успеси и да ги надминете своите зацртани цели.„Оваа можност сакам да ја искористам и да упатам неизимерна благодарност до сите вклучени во организацијата на ова важно спортско случување и да искажам огромно задоволство што и покрај сите препреки и предизвици, покажавме дека желбите стануваат реалност и дека оваа прекрасна маратонска приказна ќе продолжи да живее уште многу години.„Охридскиот пливачки маратон е гордост за локалната заедница и за државата, бидејќи го промовира Охрид како одлична локација за спортски настани и ги привлекува пливачи од целиот свет. Маратонската трка во езерото од една страна го насочува вниманието кон спортот и физичката активност, а од друга страна го поддржува туризмот и сознанието за природното богатство и непроценливото културно наследство.„Сето ова беше наш поттик да креираме нови содржини и да организираме една голема спортска манифестација која овозможува заедничка промоција на водените спортови на Охридското Езеро. Преку внимателно креирана програма на спортски и социјални активности, деновиве покажавме дека Охрид е подготвен за големата сцена и дека има капацитет за вакви впечатливи случувања.„Но, додека чекориме на патот кон успешна спортска иднина на нашиот град, не треба да го заборавиме минатото и сите оние луѓе кои го вложиле својот животен труд во организацијата на Охридскиот пливачки маратон и го овозможиле маратонското пливање изминатите шест децении. Нека нивниот ентузијазам и нивните дела бидат наша поука и наш поттик кон остварување на нови достигнувања.„Уште еднаш, на сите натпреварувачи им посакувам мирни води, пријатни временски услови и мотив за остварување на големи успеси, кои ќе бидат воодушевување за публиката и вредни за почит“, истакна во своето обраќање градоначалникот Пецаков.
Во рамки на настанот беше доделена спортската награда „Климе Савин“, која оваа година му беше врачена на еден од најистакнатите македонски пливачи Томи Стефановски. Исто така беа доделни и признанија за поддршка на Охридскиот пливачки маратон на компанијата „Костал“, „ЈК Травел“ и на спортскиот коментатор во пензија Атанас Костовски.
Охридскиот пливачки маратон оваа година е главен настан на првото издание на фестивалот на водени спортови Ohrid Water Festival. Маратонот е во техничка организација на Клубот за спортови на вода „Охридски Бранови 2008“ со поддршка на Општина Охрид, Агенцијата за млади и спорт и Националната пливачка федерација.
Вчеравечер, покрај свеченото претставување на маратонците, во рамки на фестивалската програма на Ohrid Water Festival се одржа изложа на која беа претставени победниците на маратонското пливање и почетоците на веслањето во Охрид. За музичкиот дел од програмата се погрижија „Балканикос Бенд“ и „Жармена Бенд“.