Младите волонтери на Црвен крст Охрид од Клубот на млади, како сертифицирани врснички едукатори за трговија со луѓе, осмислија и реализираа едукативен перформанс за превенција од трговија со луѓе.
Акцијата беше изведена денес во дворот на гимназијата ОСУ „Св. Климент Охридски“ во Охрид.
Целта на овој перформанс беше да се покрене свеста кај младите и тие да се едуцираат за овој социјален феномен на модерно ропство, ризиците и ужасите на тргвовијата со луѓе, но и за начините како да се заштитат.

Учениците и професорите настанот го следеа од прозорите на своите училници, а можеа да видат три сцени на кои врсничките едукатори на Црвен крст Охрид прикажаа жртви на сексуална експлоатација, на трговија со деца и експлоатација на труд. Во позадина, раскажувачот ги информираше гимназијалците со најважните податоци и опасности околу трговија со луѓе.
Пораката за младите беше јасна и силна: „Како да се заштитите? Темелно истражувајте и распрашувајте се за понудите за работа, патувања и размени. Секогаш имајте копии од вашите документи кај семејството. Бидете внимателни при запознавање непознати луѓе, во непознати места. Кога сте во странска држава, а особено на екскурзии, не се делете од групите и не одете на непознати места. Избегнувајте ризични облици на однесување. И најважно –ИНФОРМИРАЈТЕ СЕ И ОСТАНЕТЕ ЕДУЦИРАНИ! – велат од Црвен Крст Охрид.