Саемот „Chill & Connect“ во Охрид презакажан за 29 мај

Поради најавените лоши временски услови, Саемот за волонтерски можности „Chill & Connect“, кој требаше да се одржи утре, се презакажува за 29 мај 2026 година, информираат од Младински Центар Охрид.
Од организацијата посочуваат дека локацијата и терминот на одржување остануваат непроменети. Настанот ќе се одржи на плоштадот Плоштад Христо Узунов, кај Pako House, во периодот од 11:00 до 15:00 часот.
Организаторите најавуваат дека сите планирани содржини остануваат во програмата — презентации на волонтерски организации и фестивали, интерактивни активности, музичка програма со DJ сетови, кафе-дружење и можности за приклучување во летните случувања во Охрид.
На третото издание на саемот ќе учествуваат повеќе организации, иницијативи и фестивали, меѓу кои Ohrid Ultra Trail, Културолошка Иницијатива 5 до 12, Црвен Крст – Охрид, SUP Club Ohrid, Beach Film Festival, Lychnid Coffee Society, Планинарски клуб VertiTrail, Академија Сјај и Ohrid Cocktail Festival.
Настанот годинава ќе се реализира во поопуштен и интерактивен формат, со цел младите, средношколците, студентите и граѓаните поблиску да се запознаат со можностите за волонтирање и активно учество во летните активности и фестивали во градот.
За музичката атмосфера ќе бидат задолжени DJ Leo и DJ Dostin во соработка со Lychnid Coffee Society, додека Pako House ќе понуди кафе, палачинки и освежување со специјален попуст за посетителите.
Организаторите ги повикуваат сите млади и заинтересирани граѓани да присуствуваат, да се информираат и да го пронајдат своето место во летните случувања во Охрид.







