Презентирани резултатите од истражувањето на состојбата со туризмот во Охрид
Денес беа презентирани резултатите од истражувањето на состојбата со туризмот во Охрид. Тоа го направија експерти од ФТУ Охрид во рамки на европскиот прокт ЛАктив туризам. Според резултатите од истражувањето културното наследство во Охрид најпривлечно за сениорите.
Охрид како атрактивна туристичка дестинација, секогаш отвара можности за внесување на нови производи во туризмот. Пред нецели два месеци отпочна реализација на проектот ЛАктив туризам, во кој проект се вклучени Локалната самоуправа, ФТУ и Туристичката агенција Вис Пој. Денес во хотелот Милениум се одржа завршниот настан од овој проект, на кој беа презентирани истражувањата кои ги направи охридскиот факултет за туризам, а беа презентирани и конкретните туристички производи. Туристичките експерти сметаат дека преку ЛАктив туризмот, чија што таргет група е сениорската популација на граѓани, може да се разбие сезоналноста во Охрид.
„Ние сакавме да креираме и конкретни производи за да го продолжиме престојот на овие туристи и да го зголемиме бројот на туристи. Локацијата на овие производи е оној период пред и после сезоната, при тоа е водено сметка да се искористат истражувачките резултати и да се инкорпорираат. Јас сум убеден дека ако настапиме на овој начин низ оваа призма на вакви туристички производи и слични, но во принцип креирани на една издржана, напредна, современа основа дека ќе бидеме успешни“
Деканот на факултетот Цветко Андреевски истакна дека заеднички сработиле еден добар проект, кој покрај теоретскиот аспект бил и многу апликативен. Тој кажа дека посебен осврт дале на добиените резултати за целната група сениори, околу нивните ставови, мислење и очекувања од туристичката понуда на Охрид, велат од ФТУ Охрид.
„Најголема атракција во Охрид е културното наследство во Охрид тоа е она што најмногу ги привлекува туристите, на второ место е природното наследство. Има драстични разлики во очекувањата и во мислењата на таргет групата сениори во однос на помладите лица. Сениори се лица постари од 55 години“
Проектот ЛАктив туризам кој во суштина претставува обид за продолжување на летната туристичка сезона е мошне значаен за нашиот туристички бисер, вели Антонио Балески од Секторот за Локален економски развој Охрид. Додава дека со реализација на овој проект, Охрид и туризмот ќе имаат голем бенефит.
„Првите бенефити веќе се остварени со посета на група од сениори од Италија и посета на проектните партнери на Охрид. Исто така е најавено дека престои продолжување со нови содржини, значи следни чекори на овој проект, за што веќе се разговараше на генералното собрание на европската мрежа на езера после добрите афирмативни пораки кои ги добивме за овој проект“.
Во проектот ЛАктив туризам чија што основна цел е продолжување на летната сезона, покрај нашата земја членки на мрежата со езера, се Словенија, Италија, Шпанија и Ирска.