При крај е процесот за ставање во функција на електричните возила, смарт велосипеди и адреналинскиот парк во Охрид

Општина Охрид набави електрични возила за превоз на жителите и туристите во стариот дел на градот, со цел намалување на сообраќајниот метеж и подобрување на животната средина, особено во летниот период. Во рамки на проектот се обезбедени и 60 смарт велосипеди, кои ќе бидат поставени на 10 локации и ќе може да се користат преку специјална апликација. Вкупната вредност на инвестицијата изнесува околу 5 мил денари, а опремата е доделена на ЈП „Билјанини Извори“. Средствата се обезбедени преку проектот „Општина Охрид станува зелена, паметна и иновативна (OHRID GO)“, финансиран од Европската унија преку програмата „ЕУ за општините“.

Градоначалникот Кирил Пецаков информира дека се преземаат активности за ставање на проектот во функција:
„Она што претставува дел на тој проект, а е поврзано со електричните возила, електричните велосипеди и авантуристичкиот парк, Општина Охрид ја заврши физибилити студијата и на седница на Совет во вторник ќе се изгласа инициатива за почеток за јавно-приватно партнерство. Таа физибилити студија понатаму оди на усогласување, односно на одобрување во Министерството за финансии и ќе следува јавен повик за стопанисување со трите елементи од самиот проект коишто ги имаме добиено како општина, така што при крај е целата активност со завршување и на процесот на ставање во функција на сите овие три делови од тој проект.“
Авантуристичкиот адреналински парк во поранешната касарна веќе подолго време е поставен , инсталирани се елементите и реквизитите.
„Проверени се скоро пред две недели. Сè е ок, функционални се, така што само се чека официјализирање на она што треба да претставува соработка со некој кој што овие три елементи од проектот ќе ги работи, така што набрзо ќе добиеме и функционалност и на авантуристичкиот парк и на возилата, но и на велосипедите.“
Сè уште не е донесена конечна одлука за точната распределба на електричните возила, иако првичниот план е тие најмногу да се користат во стариот дел од градот, во согласност со препораките на УНЕСКО.
„Најголем дел од нив ќе се движат во стариот дел на градот. Можно е да има едно или две возила да возат после мостот по патеката, меѓутото е нешто кое што ќе го решиме откако ќе ја завршиме цела постапка. Сепак, целта и идејата е поврзување, намалување на сообраќајот, поврзување на сето она што е жители и туристи коишто се сместени во стариот дел на градот и функционалност на самите возила. Доколку има простор и можност, секако дека би вовеле во одреден период во вечерните часови или пак можеби во некои други периоди, како сето тоа ќе го ќе го одредиме со службите да биде и функционално после мостот на патеката којашто е рекреативна.“– вели градоначалникот.

Пецаков е оптимист дека стопанисување со адреналинскиот парки и електричните возила ќе биде доволно атрактивно за да се пријават економски оператори на повикот за јавно приватно партнерство и истиот да биде успешен.
„Јас сум реално оптимист затоа што ние како општина, па ако сакате и јавните претпријатија немаме капацитет сето ова да го одржуваме во било која форма. Ниту имаме искуство, ниту некогаш некој работел од нив нешто такво. Ова кога ќе се стави во функција, ние јавното-приватно партнерство, посебно во делот на авантуристичкиот парк, го гледаме во позитивните ефекти коишто ќе ги добиеме со учениците, односно училиштата и основните училишта би добивале еден час од она што претставува физичко образование. Дали е во месец на два месеци тој распоред којшто со образование ќе го завршиме би ги користеле на авантуристичкиот парк во договор со професорите, секако за физичко образование. Тоа е идејата.“– вели Пецаков
Со воведувањето на електричните возила и велосипедите, локалните власти очекуваат намалување на сообраќајниот метеж, намалување на загадувањето и промоција на одржливи форми на урбана мобилност, додека авантуристичкиот парк се гледа како нова туристичка атракција во градот.







