Во сите парохиски храмови во Охрид во тек е пријавувањето на верниците кои сакаат да учествуваат во традиционалното фрлање на светиот крст по повод празникот Богојавление – Водици.
Инаку, во недела, 18 јануари, од 19:00 до 23:00 часот, на платото меѓу Капетанија и ресторанот „Чун“ ќе биде поставен пункт на Црвен крст Охрид, каде медицински екипи ќе спроведуваат основни здравствени прегледи на пријавените учесници. Истовремено, тимови на Црвен крст Охрид ќе бидат ангажирани и во грижата за безбедноста на капачите и на сите присутни за време на одбележувањето на празникот.
За настанот на осветувањето на водата во Охридското езеро и скокање по крстот на Градското пристаниште во Охрид, Црвен крст Охрид ќе се грижи за безбедноста на капачите во вода и сите посетители на настанот со 5 тимови на спасители на вода распоредени долж градското пристаниште и во спасителни чамци во вода, 3 нуркачки тимови, како и со 5 медицински тимови за укажување прва помош со 2 амбулантски возила, помогнати со медицински тим на Итната медицинска помош со амбулантско возило
Чинот на полагање на Светиот крст во водите на Охридското Езеро ќе биде во 10:00 часот од Колцето на пристаниште, а ќе го изврши Митрополитот Дебарско – кичевски г. Георгиј.