На „Прилепска“ се одвиваат активности за привремено оспособување на улицата за сообраќај
На улица „Прилепска” интензивно се работи на санирање на состојбите по проблемите кои настанаа од обилните врнежи изминатиот период при што беше оневозможено нормално одвивање на градежните зафати за нејзина реконструкција. Утрово покрај екипи на двете јавни претпријатија Нискоградба и Водовод на терен се и работници од градежни фирми коишто имаат соработка со општината, Илинден, Маркоски и Бокоп.


На вчерашната седница на Совет, советничката од Левица Виолета Аврамоска пренесе барање oд жители на улицата. Дописот кој советничката го презентира пред советниците, бил поднесен на 24-ти ноември во општината и адресиран до Градоначалникот и до Советот, а во кој жителите бараат поставување на чакал по раскопаните дупки и линијата каде се извадени асфалтните плочи, затворање и обезбедување на отворените шахти, отворање и прочистување на двата канали од двете страни на улицата, проширување на улицата по катастар. Според дописот, за состојбите граѓаните бараат и одговорност од раководителот на Секторот за комунален развој, сообраќај и улици. Жители на Прилепска одржаа и протест на кој бараа асфалтирање на нивната улица.


– Она што мене и нив ги интересира, првите четири точки , дали и кога ќе им бидат исполнети овие барања односно кога ќе биде асфалтирана улицата затоа што сами како што знаете, јас имам и фотографии, но и сите вие видовте на протестот навистина е она ужас што го видовме, пропаднати автомобили кои мора да ги вадат со багер, рече советничката Аврамоска.
Тони Иваноски од Секторот за комунален развој, во врска со пропаднатите автомобили, посочи дека претставници на општината одржале два состаноци со жителите на Прилепска пред отпочнување на активностите за целосна реконструкција и им објасниле какви се градежни зафати ќе треба да се спроведат, како и што тоа ќе значи за нивното секојдневно функционирање.
–Улицата согласно сообраќајниот режим е целосно затворена и она што се случува со автомобилите фактички е неодговорност на граѓаните. Во онакви услови во кои се одвиваат градежните работи нема можност за сообраќај , тоа им го објаснивме на граѓаните, меѓутоа во тие 670 метри колку што е забранет сообраќајот и покрај обилните врнежи , сообраќајот се одвиваше и дојде до состојба до која што дојдовме, посочи Иваноски.

Прилепска е улица којашто има проблеми не само сега туку во изминатите 7-8 години поради несоодветна фекална канализација која создава проблеми по домовите , несоодветна водоводна канализација која предизвикува недоволно снабдување со вода на жителите од тој дел на градот, поради што неопходна беше обемна реконструкција која очекувано е да биде пропратена со предизвици и бара време и трпение, посочи Иваноски.
–Вистина ситуацијата е онаква како што ја опишавте меѓутоа општината не седи со скрстени раце. Чекавме времето да се стабилизира колку што е можно во овие временски услови и од денес веќе се започнати активности за санација односно привремено оспособување на улицата за сообраќај. Каква ќе биде ситуацијата после оваа санација? Нема да биде идеално, ситуацијата ќе биде подобрена меѓутоа треба да сфатиме дека сите овие активности што во моментот се спроведуваат на терен сакаат трпение и носат одредени последици, рече Иваноски.
Иваноски потенцира дека улицата ќе биде комплетно завршена и асфалтирана до април по што жителите ќе имаат комплетна канализација, нова водоводната линија, кабелска инфраструктура каблирана по земја и мрежа за електрична енергија која ќе ги задоволува потребите.