Skip to main content

Пристапна рампа на плажата „Бафало бич“ бара Националното здружение на лица со телесен инвалидитет

Туристичките центри мора засилено да работат на пристапен инклузивен туризам. За лицата со попреченосткои се уште се соочуваат со голем број препреки кои им го отежнуваат секојдневнието, уживањето во летен годишен одмор е дополнителен предизвик.
 |  Маја Савиќ  | 
Пристапен туризам

Националното здружение на лица со телесен инвалидитет апелира до локалната власт во Охрид за поставување пристапна рампа на плажата до мостот Студенчишта кај езерската полиција. Од здружението сметаат дека таа локација е најсоодветна бидејќи е најблиска до апартманите кое ги поседува здружението кај комплексот Охридати. 10-те апартмани на Мобилност во Охрид ги користат околу 1000 членови на здружението за одмор и рекреација на Охридското езеро.

„ Ние бараме како Сојуз на ниво на Македонија да се направи некоја плажа што ни е поблиску до апартманите. Сепак како и да е ние мора повторно возило да запалиме да отидеме до таа плажа. Каде што е поблиску тука до нашите апартмани, тоа не е голема инвестиција, се надевам дека еве апел и до градоначалникот , се надевам ќе го слушне ова и дека ќе ни излезе во пресрет кај што ни е најблиску да направи една плажичка барем за нас да можеме да влезиме да се оладиме во Охридското езеро.“ – вели Гоце Миновски, претседател на „Мобилност“ Скопје..

Охрид е првиот македонски туристички центар кој пред 3 години обезбеди соодветни услови за капење во езерото на лицата со попреченост. На две плажи, Горица 3 и во автокампот Љубаништа беа поставени рампи со платформи.

„Се јавивме во Љубаништа ни кажаа дека ќе ја активираат повторно рампата , дека таа е соодветна и исто разбравме дека локалната самоуправа во Горица плажата има нешто направено.– вели Христина Просковска, од „Мобилност“ Скопје.

Рампите и платформите во Горица 3 и Љубаништа, кои ги донира невладина организација, и беа дадени во сопственост на јавното претпријатие „Охридски Комуналец“, се монтажни и се ставени во функција. Во автокампот Љубаништа самиот концесионер се погрижил да обезбеди и рампи за пристап до маркет, рецепција, ресторан со рампи и да ги приспособи и тоалетите, со цел да им се овозможи непречено уживање во летниот одмор на лицата со попреченост.

Пристапен туризам

Од локалната не добивме одговор дали се планира да бидат поставени пристапни рампи и на други плажи на охридското крајбрежје, а посебно на плажата кај езерската полиција.

Колку ни е потребна? Ни треба многу. Кога ќе се направи, тоа е прашалник којшто треба вие охриѓани и локалната власт да ни го одговори, а ние да бидеме благодарни ако е позитивен одговорот. – вели Христина,.

Инклузивниот туризам, во земјава се уште е во зародиш. Покрај пристапни плажи неопходни се и маркирани патеки, адаптирани сместувачки капацитети, соодветна угостителска услуга. Пристапност е потребна и до културно историските споменици, музеи и манифестации.