Skip to main content

Велигденски празници

Приватното сместување поисполнето од хотелите

Апартманите во централното градско подрачје се речиси целосно букирани за време на Велигденските празници. Приватните сместувачки капацитети овој празничен продолжен викенд бележат поголема исполнетост во однос на хотелите, првенствено поради тоа што цените останаа исти како и лани.
 |  инфодеск  | 
приватното сместување по исполнето од хотелското

Приватните сместувачки капацитети на брегот на охридското крајбрежје бележат поголема исполнетост во однос на хотелските. Апартманите во централното градско подрачје се речиси целосно букирани за време на Велигденските празници.

Аранжманите се од два до четири денови, а интересот е поголем бидејќи цените се речиси исти како и минатите години.

„Најчесто гостите се повторно домашни туристи, но ги има доста и од Србија. Има и од странство во приватен аранжман, а некои од нив и преку туристички агенции. Има во целина скоро од секаде, од цела Европа, меѓутоа повторно најбројни се домашните гости и од соседна Србија. Најесто ги букираат блок деновите петок, сабота, недела, понеделник, односно резервациите се најчесто од три до четири денови. Домашните гости, има дел од нив, кои се само за два дена “- вели Александар Момироски, станоиздавач.

Помалите хотелски капацитети во центарот на градот се речиси потполно исполнети. Радува тоа што групите гости од САД, после двегодишна пауза, повторно доаѓаат на брегот на Охридското Езеро. Тие се дел од Балканската тура која вклучува посета на Македонија, Грција, Албанија и Србија.

„За Велигденските празници хотелскиот капацитет е исполнет. Имаме гости од САД во моментов. Исто, имаме и домашни гости, но повеќето се странци. Ги интересира нашата религија и култура, за тоа како го славиме нашиот празник. Имаме добра исполнетост и за Рамазан и за Први мај, кога најчесто се домашни гости и од соседните земји од Балканот. Горе долу, верувам ќе биде добро и ќе има солидна исполнетост. Малку влијае секако кризата. Немаме гости од Украина и Русија, но се надеваме што поскоро да заврши војната и да се врати се во колосек“ – вели Маријан Трпески, менаџер во хотел.

Поголемите хотелски капацитети надвор од градот бележат послаба исполнетост со гости за време на празниците.

Новинар Соња Рилковска