Skip to main content

Признание за сестрите од охридската болница

Сите медицински сестри од ковид центрите се прогласени за хероини во бело. Врачени награди при одбележување на неделата на сестринството.
 |  Валентина Неловска  | 
медицински сестри

Сите медицински сестри од ковид центрите се прогласени за хероини во бело на годинешното одбележување на неделата на сестринството. Тие се наоѓаа во првите борбени редови против пандемијата повеќе од две години. На одбележување на овој датум Здруженијата на медицински сестри,акушерки и техничари имаа средба со министерот за здравство, професори и доктори кои упатија благодарност за придонесот на овој кадар во пандемиската борба. Сестрите од Општа болница Охрид, како регионален ковид центар, добија благодарница за нивната пожртвувана работа, информира Јулија Трпоска, претседател на Здружението на медицинските сестри, акушерки и техничари. Пофалница и беше врачена на главната медицинска сестра Анета Волканоска. Сестра Волканоска даде голем придонес, како менаџер на медицинските сестри за да не се почуствува недосток од медицинската грижа за болните во услови на пандемија, напоменува Трпоска.

Тоа беше војна во која во првите борбени редови беше медицинската сестра. Голема благодарност упатуваме до сите сестри од Здружението. Толку се сите пожртвувани и хумани, и покрај тоа што сите имаат големи тежини, тие се насмеани, ведри. Нивна желба е да ја постигнат целта да помогнат и да спасат човечки живот“-напоменува Тропоска.

Професијата медицинска сестра е хумана и привлечна за младите луѓе, вели сестра Јулија Тропска. Покрај сите потешкотии и тажни ситуации кои ги носи работата има и прекрасни моменти. Тоа е радоста при секој спасен живот. Но, во моментов сите болнички установи се соочуваат со недостаток од медицински персонал. Желба на сите медицински сестри и акушерки е да се надмине оваа состојба.

Најмногу посакуваме да има повеќе персонал. Да имаме млад кадар, да го обучиме како што е потребно. Пациентот да се лекува во установа каде што ќе има медицински сестри кои ќе пружат права нега. Да нема недостаток на персонал и време, да не се изморени сестрите бидејќи основната дејност на секоја сестра е нега на пациентот“ -вели Трпоска.

На локално ниво, Неделата на сестринството ќе се одбележи в понеделник со доделување на признанија за медицинските сестри. На средбата ќе бидат избрани и најхумани сестри од сите болнички одделенија од охридските здравствени установи.