Прличеви беседи 2026
Богата програма за годинашната традиционална манифестација „Прличеви беседи“, со што ќе се одбележи годишнината од смртта на поетот и преродбеник Григор Прличев.

Чествувањата започнуваат во четврток, 6 февруари во 11:45 часот со изложба на ликовни дела од колекцијата на НУ Центар за култура „Григор Прличев“ – Охрид, поставена во изложбениот салон. Централната свеченост ќе се одржи во 12:00 часот во малата сала на НУЦК „Григор Прличев“ – Охрид.
Свечената програма вклучува настап на хорот при НУЦК „Григор Прличев“, обраќања на претставници од Центарот за култура и Општина Охрид, претставување и артистичка изведба на наградената поема „Темна кутија“, како и врачување на Повелбата за најдобра поема за 2025 година. Годинешен лауреат на наградата „Григор Прличев“ е поетот Братислав Ташковски, кој ќе има и свечено обраќање пред присутните.
Во петок, 6 февруари, програмата започнува во 9 часот со полагање свежо цвеќе пред споменикот на Григор Прличев во дворот на ООУ „Григор Прличев“. Потоа, во 10:00 часот, ќе се одржи панихида и ќе биде положено цвеќе на гробот на Прличев, кој се наоѓа во близина на црквата „Св. Богородица – Перивлепта“.
Настаните продолжуваат во 11:00 часот со програмата „Стихови и звуци за Прличев“. Во рамки на овој дел ќе бидат изведени песните „1762 лето“ од Стефани Дудик (сопран) и Изабела Димовска (мецосопран), ќе се одржат обраќања на претставници од Општина Охрид, а ќе бидат врачени и награди за прворангираните литературни творби од конкурсот на ООУ „Григор Прличев“. Воедно, ќе бидат доделени и два примероци од книгата „Јазик илјоб“ од Славе Ѓорѓо Димоски, отпечатени во Брајово писмо, на НУ Библиотека „Григор Прличев“ и на Здружението на слепи лица од Охрид. Ќе следи и читање на наградените литературни творби.
Во сабота, 7 февруари, во Култ Културен центар – Охрид ќе се одржи осмото издание на поетскиот караван „Добри гости“, посветен на Григор Прличев, со учество на поети и љубители на литературата од земјата и пошироко.
„Прличевите беседи“ и оваа година потврдуваат дека остануваат значаен културен настан кој ја негува книжевната традиција и го чува споменот на еден од најзначајните македонски поети и преродбеници.