Skip to main content

Градежни зафати

Проблематична реконструкција на ул „Гоце Делчев“

Во тек е реализација на неколку проекти за реконструкција на улици и патишта од Програмата за уредување на градежно земјиште во општина Охрид. За некои планирани инфраструктурни проекти Локалната ќе треба да изнајде дополнителни средства во претстојниот период. Во меѓувреме се изработуваат нови проектни документации со кои ќе се аплицира до Бирото за Регионален развој, фондови и банки.
 |  инфодеск  | 
Улица Гоце Делчев

Во тек е реализација на дел од проектите од сферата на патна инфраструктура предвидени за оваа година. Покрај на ул. Македонски Просветители градежни зафати се започнати и за реконструкција на ул. Момчило Јорданоски и три краци на ул. Даме Груев. Станува збор за проект од Бирото за регионален развој во вредност од 13 мил. денари во кој има учество и Општина Охрид со сопствени средства од 2 милиони денари.

Улица Даме Груев

Градежните зафати започнаа пред околу три недели на трите краци на „Даме Груев“ со паркинг просторот во станбениот комплекс, а на Момчило Јорданоски ќе има реконструкција од кружниот тек до потегот кон населбата „Гоце Делчев“ или „Бараки“. Активностите се во тек и во период од месец дена ќе бидат завршени двата дела од овој проект во соработка со Југозападниот плански регион и Бирото за регионален развој – изјави градоначалникот Кирил Пецаков.

Улица Даме Груев

За Локалната приоритетна е улицата „Гоце Делчев“. За реконструкцијата на оваа сообраќајница Општина Охрид има склучено договор со Владата и ТАВ на околу 700 000 евра, но нејзината реализација наиде на проблеми.

Но проектот изработен од Владата не соодејствува со она што Локалната сака да го добие на терен. Со тие 700 илјади евра кои треба да се потрошат, а воедно да каже дека проектот е тендериран и веќе избран е изведувач, не се опфатени хидротехничките услови, односно не е опфатена водоводната линија, за која имаме информација дека е од салонитни цефки, не е опфатена канализационата мрежа, ниту атмосферската канализација. Дополнителен проблем се тротоарите кои се опструирани со бандери за осветлување, кабловски оператори и интернет, што се на се значи дека решавањето на пробелмот ќе бара дополнителни средства – вели Тони Иваноски од Сектор за општи работи при општина Охрид.

Во тек е изработка на дополнителен проект и проценка на стручните служби е дека за реконструкција на ул. „Гоце Делчев“ ќе бидат потребни дополнителни 500 000 евра кои ќе треба да ги обезбеди општината.

Улица Гоце Делчев

За одредени големи зафати за решавање на клучни и горливи ороблеми кои се нотирани и во препораките на УНЕСКО, општината нема финансии. Потребни ни се проекти подготвени за аплицирање, вели Градоначалникот. Такви се проектите за фекална канализација во селата Горно и Долно Лакочереј и Трпејца, за чија изработка Општината веќе има објавено тендер.

До 30-ти мај е рокот за изработка на проектите и за Трпејца којшто ќе чини повеќе од 2,5 мил евра, и за Горно и Долно Лакочереј. Финансирањето Општина Охрид не е во можност сама да го обезбеди, но за да бидеме подготвени да аплицираме, тие проекти треба да бидат спремни за аплицирање, без оглед дали ќе станува збор за некој фонд или банка, треба да ги имаме – вели Пецаков.

Општината аплицира и на јавен повик на Бирото за регионален развој во мерка за развој на руралните средини со проект за изработка на проектно-техничка документација за пат од с. Лескоец до Горно и Долно Лакочереј, во кој се бара 50% учество на општината.

Некои проекти, кои беа ветени во предизборната програма на Градоначалникот Пецаков, за жал нема да се реализираат ниту оваа ниту наредната година. Такви се изградбата на спортска сала во селото Лескоец, за која Министерството за образование и наука нема планирано средства па ќе мора да ги обезбеди Општина Охрид. Изградбата на Мултифункционални игралишта во Видобишта и Велгошти е заглавена поради нерасчистени имотно-правни односи.

Периодов активно се санираат јавни површини, кои подолг временски период беа руинирани и запуштени. Општината изготви план за нивно враќање во функција и во соработка со јавните претпријатија ќе се санираат плоштадот кај Мини маркет, пешачките патеки канал Студенчишта – хотел Парк, Лабино – Канео, Лабино – Воска – Даљан, детските и повеќенаменските игралишта на цела територија од Општина Охрид.