Skip to main content

Продавачите на зелените пазари ќе работат со лиценци


Продавачите на зелените пазари ќе работат со лиценци. Дозволите за работа ќе ги издава Комората  на пазарџии.  Овие измени за трговија на зелените пазари стапија на сила од првата половина на овој месец.

 |  Валентина Неловска  | 

 

Трговците на зелените пазари ќе може да продаваат производи на тезга само со лиценца. Ова се одредбите од новиот закон за трговија на зелените пазари кои стапија на сила од 11 јануари оваа година. Трговците и пазарите ќе имаат време од 9 месеци за да се адаптираат и организираат според новите измени. Со овие измени законодавецот ќе воведува ред со сивата економија на пазарите. Во моментов околу 20.000 лица во земјава работат на тезги на пазарите, а при тоа се водат како невработени во Агенцијата за вработување. Целта на новиот закон е поголема евиденција во работењето на пазарите, информира Кристина Крлеска Деспотоска, директор на охридскиот градски пазар.

„ Имаат обостран бенефит и државата и трговците на зелените пазари. За државата бенефитот е што поголем број трговци поединци треба да се невработени лица на зелените пазари. Поголем дел од нив ќе се избришат од листата како невработени и ќе бидат вработени. Исто така, трговците на зелените пазари бенефит од Законот ќе имаат во тоа што ќе се намалат бирократските процедури“, вели Крлеска Деспотоска од ЈП Градски пазар.

Трговците ќе плаќаат паушален персонален данок и ќе остваруваат пензиско и здравствено осигурување. Лиценца за проджба ќе мора да поседуваат и земјоделците. За да се закупи тезга на зелените пазари и трговците и земјоделците ќе мора да бидат регистрирани во Комората која ќе ги издава лиценците за работа. Лиценците ќе имаат важност од една година и засега нема да има фискални каси , појаснува Крлеска Деспотоска.


„ Комората од здружение на пазарџии премината е во Комора на трговци. Таа ќе има комплетна евиденција и спроведување на овој закон. Целосно на зелените пазари ќе има едвиденција на работењето“, кажува директорката Крлеска Деспотоска.

Организаторите на пазари ќе ги издаваат под закуп тезгите само ако претходно склучиле договор со трговец кој обезбедил лиценца.
Казните за пазарџиите и трговците кои нема да ги почитуваат измените се ригорзни и ќе се движат од 150 до 3000 евра.