Продолжува да се руинира Куќата на Момирови изградена во типична староградска охридска архитектура
НУ Завод и Музеј, сопственикот на објектот, пропаѓањето на куќата го правда со непостоење Детален урбанистички план и поништување на Детален урбанистички план за Урбана заедница еден. Изработиле документација за реставрација на куќата и чекаат решение на овој проблем.
Пропаѓа куќа изградена во типична староградска охридска архитектура во Стар град во сопственост на установата НУ Завод и Музеј. Од ден на ден се распаѓа Куќата на Момирови и се препушта на забот на времето, а установата која треба да го заштитува матријалното културно наследство покажува негрижа за објектот. Куќата со распаднат кров, разрушени тавани и искршени прозорци е на самиот влез од Горна Порта, во непосредна близина на Античкиот театар. ТВМ од 2015 година, навака од НУ Завод и Музеј бара одговор на прашањето дали ќе го спречат руинирањето на објектот. Најчестиот одговор кој го добивавме од првите раководни луѓе на установата беше дека проектот за реставрација се планира со проект за следната година. Поминаа пет години и го упативме истото прашање овој пат до новото раководство на установата : дали оваа година се планира реставрација на објектот? Во писмениот одговор од НУ Завод и Музеј- Охрид , информираат дека установата има изработено Основен проект за статичко зајакнување, конзервација и ревалоризација на Куќата на Момирови од пред две години, но има проблем за негова реализација.
НУ Завод и музеј ваквата состојба ја поткрепува со фактот дека не може да добие Конзерваторско одобрение и Одобрение за градење заради поништениот ДУП за УЕ 1 од страна на Уставен суд и непостоечки Детален урбанистички план.
Изработиле комплетен основен Проект, во кој се вклучени сите фази од архитектура, статика, водовод и канализација, електрика, греење и вентилација. Добиле позитивно мислење од Институт за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија, направена е ревизија на проектот.
На прашањето зошто установата дозволила руинирање на куќата до овој степен, имаат одговор дека од првиот момент кога објектот им е даден на користење отпочнати биле истражувачки работи и истражувања околу изработката на проектот.
Во меѓувреме, додека чекаат усвојување на нов Детален урбанистички план за градот, од ресорното министерство за реализација на проектот добиле 500.000 денари кои ќе бидат искористени за отпочнување со припремните работи, информираат од установата.
Додаваат дека по реставрацијата објектот ќе се користи како музејски простор, каде што ќе бидат изложени предмети пронајдени при археолошките истражувања на Антички театар.