Продолжува хаосот со такси превозот во Охрид
Таксистите во трката за поголема заработувачка одбиваат да ги возат граѓаните на релации низ градот, а вешто ја користат секоја можност да возат со исклучен таксиметар и да наплатат двојно па дури и тројно од вообичаената тарифа. Од Општинскиот инспекторат се оградуваат од надлежност во вакви случаи. Граѓаните да ги пријават несовесните таксисти во УЈП и МВР.
Охридските такси превозници одбиваат да ги возат граѓаните на релации низ градот. Во трката за поголема заработувачка прифаќаат да возат само кон плажите. Хаосот во такси превозот се повторува секоја летна сезона кога за охриѓани на пеколните горештини услугите од таксистите се недостапни. Не ретки се и случаите на наплата по двојно па дури и тројно повисока цена од вообичаената тарифа. Градските власти во Охрид велат дека не можат да стават крај на оваа појава.
Тоа прашање не е за нашите инспекциски служби. Немаме начин и методлогија да провериме дали на секој граѓанин му излегле во пресрет такси возачите за да го возат на одредена релација. Јас сум свесен за овој проблем дека не секогаш одговараат на повиците, но нема начин како да се провери и санкционираат – истакна Томе Џамтоски, портпарол на Општина Охрид.
Портпаролот оградувајќи се од надлежност на инспекторите по сообраќај кои се во состав на Општинскиот инспекторат посочува каде граѓаните може да пријавуваат за да ги заштитат своите права.
Останува бројот до УЈП, а не до општинскиот инспекторат. До асоцијацијата на потрошувачи, СВР. Во надлежностите на нашите инспектори не спаѓа ова прашање кое го поставувате. Нашите инспекори имаат надлежност да вршат надзор и да преземаат мерки за такси превозниците и линиските превозници. Нивниот надзор е дали е исправно возилото, дали има исправен таксиметар, табла и лиценца – вели Џамтоски.
Џамтоски во овој контекс ги споделува податоците од месечниот извештај на инспекторите по сообраќај во изминативе месец и половина. Тие направиле 45 контроли на такси превозот и линискиот превоз во градот. Констатирале поголем број на прекршоци и изрекле 4 опомени и 19 прекршочни пријави за такси превозниците со глоба од 500 евра во денарска противвредност. Кај линискиот превоз констатирале 10 неправилности и изрекле една прекршочна пријава на релација Охрид -Св Наум.