Продолжува масовното иселување на младите од Македонија
Продолжува бранот на иселување на млади едуцирани кадри од земјава. Експертите кои се занимаваат со оваа проблематика укажуваат, ако досега најголемо иселување имало од Ресен и Битола, сега тоа се сега сите градови од Македонија, а посебно Охрид. Тие сметаат дека под итно треба да се преземат сериозни мерки за развој на економски план и политика.
Македонија најголем дел ја напуштаат млади едуцирани граѓани со завршен факултет. Тоа го зборува анализата направена со реализација на меѓународниот проект „Развој преку комуникација“. Овој проект како што појаснува проф. д-р. Златко Николовски, претседател на Центарот за информативна поддршка, бил поддржан од Цивика Мобилитас, а се реализирал во Македонија и Швајцарија. Проф. Николовски истакна дека поддршката на Цивика Мобилитас им дала можност подлабоко и посуштински да ги анализираат причините за иселување од една страна, додека пак од друга страна да се задржат и на еден нов елемент, односно да го унапредат развојот на комуникацијата со тие што веќе ја напуштиле земјава.
„Ние преку нашиве проекти поддрржани од Цивика Мобилитас, работиме на зајакнување на комуникацијата со нашите иселеници, но и анализа на состојбите со цел менаџирање или на некој начин работа и со потенцијалните мигранти од РМ, млади граѓани кои сакаме на некој начин да ги задржиме во земјава, но да бидам искрен во последниов период особено после укинувањето на визниот режим 2009 година, оди многу тешко и масовно продолжува бранот на иселувања на млади и едуцирани луѓе од Македонија“.
Николовски укажува и на уште еден многу важен момент кој влијае на иселувањето на младите од земјава.
„Дефинитивно проценивме дека политиката или да бидам подиректен партиите да ги тргнат рацете од младите во смисла на насочување исклучиво за партиски интереси и она што се вика систем на кариера, навистина да им се даде на младите кои се најдобри да бидат избрани и да бидат вработени после факултетите. А не услов за вработување да бидат некакви партиски припадности и сл, тоа само го зголемува ризикот за зголемување на миграција од РМ према надвор“.
Претседателот на здружението „Извор“ од Кратово Милош Димитровски, вели дека во изминатиов период, во соработка со повеќе здруженија кои се занимаваат со проблематиката на иселувањето на младите реализирале проект за грижата, проблемите, причината за миграцијата на населението, со посебен осврт на младата популација.
„Причините за миграција посебно на малдите е животниот стандард во средините каде што живеат е многу низок, треба да се посвети внимание на социо-економската состојба, на младите кои се во развој уште во средношколската возраст“.
И Димитровски смета дека треба многу да се работи на отстранување на главните причини за масовното иселување на младите од нашата земја. Тој исто така смета дека мерките за самовработување и средствата за отварање на нов бизнис се многу ниски и младите не чуствуваат потреба да отворат свој бизнис.