Продолжува приказната со изградба на јавни тоалети од цврста градба
Продолжува приказната со изградба на јавни тоалети од цврста градба.
Пред стартот на туристичката сезона, како некое непишано правило, се актуелизира проблемот со јавни тоалети. Тоалетите не дека се потребни само во лето, но тоа е период кога градот како туристички центар е посетуван од бројни домашни и странски гости. На изглед банален, но сериозен проблем, кој се провлекува со години наназад. Приказната со изградба на тоалети од цврста градба секоја година е позната и почнува со ветување дека на проблемот се работи. Ставот на новата Локална самоуправа е со истата реторика, архиетктите работат на негово решавање.
„ Во моментов сериозно се работи за изградба на такви тоалети од цврста градба, прибирање на документација и распишување на тендер. Во моментов тоа се работи, а како процедура ќе потрае“, вели портпаролот Томе Џамтоски.
Според Законот за јавна чистота Локалната самоуправа мора да одреди локации за поставување на јавни тоалети. Досега не помогна ни јавниот повик од 2009 година на Министерството за транспорт и врски да изгради јавни тоалети на државно земјиште на апликации од општините. Архитектите досега не најдоа соодветни локации и решение за овој проблем. Оние кои ќе ги фати зорт ќе бараат ресторани и продавници, а ако тоа ги снајде на Плаошник или Самоилова ќе бараат грмушки. Во меѓувреме, Локалната самоуправа проблемот ќе го решава со поставување на мобилни кабини на шест локации низ градот, информира портпаролот на Локалната самоуправа, Томе Џамтоски.
„Во наредната недела, а до крајот на оваа недела ќе биде потпишан договор , а јавниот повик е завршен. Избрана е фирмата Мобилен санитарен сервис од Скопје, која ќе постави 24 кабини со јавни тоалети“.
За одржување на мобилните тоалети, во летниот период, општината ќе треба да издвои 180.000 денари. Со тендерот е предвидено за 60 дена да се издвојат 300.000 денари, но бидејќи се доцни со нивното поставуавње, општината ќе заштеди 120.000 денари.
Локациите каде што ќе бидат поставени кабините со тоалети се кај Горна Порта, Центарот за култура, хотел Палас, во близина на мостот кај Студенчишкиот канал, кај Скејт паркот, и четири кабини на спортско рекреативниот центар Билјанини Извори.
{loadposition content9}