Продолжува традицијата на охридските тајфи-27ми Охридски староградски средби
27мо издание на фестивалот на староградска музика, Охридски староградски средби.
Од колено на колено, од визита на визита, а сега од едни до други охридски староградски средби. Продолжува традицијата на Садиловци, на охридските тајфи и прекрасната и безвремена староградска песна. 27то издание на фестивалот Охридски староградски средби на едно место собра 14 ансамбли и негуватели на староградската песна, но и бројна публика која тактираше во ритамот на „Бор садила мома Евгенија“, „Битола бабан Битола“ и уште многу други стари македонски песни.
„Овие ансамбли, овие групи, најголем број од нив се ентузијасти кои од голема љубов спрема убавата градска музика пејат и музицираат, има и професионалци се разбира и тоа е интенцијата од тоа што останало да се роди и нешто ново, но сепак базата е таа. Традицијата, она што се препејува од колено на колено што се пренесува, токму тоа е и нашата цел, да продолжиме да го пренесуваме понатаму низ времето.“-вели Драгана Боцеска-Директорка на Центар за култура „Григор Прличев“.
Не само што продолжува убавата традиција на староградската песна, туку и песните се изведуваа на автентични староградски инструменти, лаути, мандолини, утови. Според координаторот на сценско музички дејности во Центарот за култура, Петар Нечески, многу пошироко е влијанието на оваа староградска музика и особено на овој фестивал.
„Овој фестивал е многу важен за идентитетот, за јазикот македонски. Да покажеме дека овде од век и веков, години, години наназад, стотици, илјадници години наназад живееле како нас македонци и пееле македонски песни. Со овој фестивал се зачувуваат тие песни, онакви какви што се пееле меѓу народот, на серенади, на визити што велиме ние, еве сега се пејат и по ресторани, има луѓе кои доаѓаат од далеку во Охрид за да слушнат староградска македонска охридска песна.“-рече Нечески.
Инаку на овогодинешното, 27мо издание на Охридските староградски средби се претставија вкупно 14 ансамбли од Охрид, Гевгелија, Богданци, Прилеп, Битола, Струга. Дел од нив, како ансамблите од Крушево и Кратово за прв пат се претставија на овој наш реномиран фестивал.