Продолжува асфалтирањето на улиците во Охрид
Општината максимално ги користи поволните временски услови и расположливата механизација за изградба, реконструкција и асфалтирање на повеќе улици и важни сообраќајници.
Продолжуваат интензивните активности за асфалтирање на главните сообраќајници во Охрид. Градоначалникот Никола Бакрачески изјави дека работат со полн капацитет и не застануваат додека не го исполнат зацртаниот план за реконструкција на улиците. Додава дека работите на терен откриле и дополнителни проблеми.
„Токму денес се наоѓаме пред една од тие локации а тоа е дел од ул Јане Сандански во која што предвидуваме да асфалтираме околу 2000 квадрати, тоа е прва фаза од реконструкцијата на оваа улица. Во иднина ќе се реконструираат и асфалтират улиците, Сирма Војвода околу 5000 квадрати, АСНОМ околу 2000 квадрати, Петрино и Крум Точков, после претходно направените реконструкции. Она што сакам да го напоменам е дека за Крум Точков со оглед на тоа што нашите служби увидоа дефекти во водоводната мрежа и сеуште не се заменети старите азбестни цевки од тие причини прејдовме кон план за реконструкција на водоводната мрежа“
Потребата од непредвидени дополнителни интервенции се наложила и на други локации. Изведувачите утврдиле дека тлото е несоодветно за асфалтирање а тоа пак им отворило и поголема работа.
„За ул Богомилска изведувачот после припрема на теренот констатира дека подлогата не е соодветно поставена и претходното асфалтирање не било изведено онака како што налагаат правилата на градежните компании и се увиде дека тлото не е адекватно обработено, така да претходно на Богомилска ќе имаме тампонирање и веднаш после ќе се асфалтира“.
Според најавите на првиот човек на градот, се очекува ангажираната фирма „Гранит“, навреме да ги заврши преземените обврски за инфраструктурно уредување на градот, поточно до средината на наредниот месец.
{loadposition content9}