Продолжува девастацијата и негрижата за општите добра низ Охрид
Потегот кај каналот Студенчишта, односно целата патека долж каналот од мостот па се до ресторанот „Биљанини извори“, беше хортикултурно уреден, со дрвени летниковци, канти за отпадоци и средени патеки.
Но, денешната слика говори за запуштеност на истите, односно негрижа од надлежните институции, но и за девастацијата која посебно младите во вечерните часови ја прават, со оглед дека станува збор за едно од нивните омилени собиралишта.
“Толку ли е тешко да се смени искршената шиндра? Или да се поправи корпата за отпадоци? Клупата уште малку ќе остане без делот за седење…Барем тревата да ја искосеа” – се дел од реакциите во рубриката ТиСиТвојотГрад на наш сограѓанин.
За волја на вистината, само во месец март годинава, во рамки на акцијата за обележување на хоризонталната сигнализација, беше спроведено обележувањето на пешачко-рекреативните патеки на овој потег.
„Исфарбани и обележани беа пешачката и велосипедската патека кај каналот Студенчишта“, – информираше тогаш Градоначалникот Кирил Пецаков.
Во истиот период екипите на ЈП „Градски пазар” работеа на санирање на сидриштето кај каналот Студенчишта.
Во санацијата беше опфатено и премачкување со соодветна боја на дрвените површини. Премачкувањето се врши со цел подолгорочна заштита на дрвените површини и разубавување на изгледот на пешачката патека – информираше градоначалникот Кирил Пецаков.
Реализацијата на овој голем проект започна во 2016 година и вкупниот проект ја чинеше нашата општина околу 20 милиони денари, а беше финансиран со пари од општината. Проектот е изработен од „Проект биро“, а изведувач беше „Бифора од Охрид“.