Skip to main content

НУ Археолошки музеј на Република Македонија

Продолжува истражувањето на идентитетите и културните контакти во пограничната област на Античка Македонија

Оваа година во фокусот на проектот се сондажните археолошки истражувања на локалитетот Градиште кај Долно Лакочереј, каде се очекува да се дознае повеќе во врска со формирањето на првите населби на врвовите на ридовите кои го опкружуваат езерскиот брег.
 |  инфодеск  | 

Националниот археолошки музеј и Карловиот Универзитет од Прага, Р .Чешка осма сезона по ред продолжуваат да го реализираат меѓународниот проект „Погранични студии“ – Истражувања на идентитетите и културните контакти во пограничната област на Античка Македонија (Frontier Studies. Investigation into Identity and Cultural Contacts in the Border Area of Ancient Macedonia).

Проектот претставува комплексно научно истражување кое користи ралични пристапи и истражувачки методи, со цел преку ваквиот мултидисциплинарен пристап да го реконструира пејсажот и да ги забележи сите климатски и хидролошки промени во минатото на овој динамичен крајезерски регион со што би се утврдило нивното влијание врз секојдневниот живот на заедниците кои го населувале овој простор, се вели во соопштението од НУ Археолошки музеј на Република Македонија.

Оваа година во фокусот на проектот се сондажните археолошки истражувања на локалитетот Градиште кај Долно Лакочереј, каде се очекува да се дознае повеќе во врска со формирањето на првите населби на врвовите на ридовите кои го опкружуваат езерскиот брег. Паралелно со овие истражувања се вршат и геолошки истражувања во охридско-струшката рамнина со цел реконструкција на крајбрежието на охридското езеро во различни периоди во минатото. Покрај гореспоменатите институции во проектот учествуваат и Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј од Охрид, Чешкиот геолошки институт од Прага и Германскиот археолошки институт.

Раководители на проектот се д-р Перо Арџанлиев, кустос советник во археолошкиот музеј и д-р Марек Верчик од Карловиот Универзитет од Прага, Р. Чешка.