Продолжува скринингот за откривање на рак на грло на матка
Во дејноста здравствена заштита на жената во гинеколшката дејност во охридскиот регион најчести се воспалителни процеси на репродуктивните органи ,а потоа следат проблемите поврзани со бременоста и породувањето, а на трето место се малигните неоплазми. Во првата и последната група има намалување на стапката на заболувања во перидот од 2019 – 2021 , вели д-р Даниела Чингоска, од охридскиот Центар за јавно здравје, а се должи на работата на матичните лекари и на програмата за рано откривање на карциномот на грлото на матката.
„Преваленцата се должи на тоа што интензивно се работи на скринингот. Имаме повеќе откривања на тие неоплазми. За среќа е што се откриваат во почетен стадиум , повеќето се бенингни и овозможуваат лекување на овие состојби. Важно е кај оваа популација да се работи на свеста за да се искористат скрининзите што се прават со превентивната програма за да се откријат во рана фаза и да се излекуваат“, посочува д-р Чингоска.
Минатата година, со скринингот се опфатени жени на возраст од 35 до 45 години, а за ова година допрва ќе се одредеи возрасната група. Од ЦЈЗ укажуваат на потребата од реална алокација на ресурсите во здравството. Во регионов е голема и стапката на смртноста кај доенчињата. Последните статистички испитувања покажуваат дека таа е зголемена и е над просечната во државата. Во 2021 година , во Охрид, процентот е 4,5 , а 3 на 1000 живородени во Републиката.
„Би требало да се обрне внимание на животот пред почетокот на зачнување. Важно е бремената жена да ја добива соодветната грижа и прегледи од здравствените тимови. Посетата на патронажната служба на бремена жена била една посета, а потребно е барем 3 посети, посебно во руралните средини. Но, како што има недостиг на кадар секаде тоа се случува и во патронажната служба“, напоменува д-р Чингоска.
Подобро е да се посвети повеќе внимание на превентивните прегледи за здравјето на жената отколку да се лекуваат болести и последиците , потсетува специјалистот по социјална медицина и јавно здравје.