Skip to main content

Проекти за полесна пристапност до општинската зграда за лицата со попреченост дел од програмата на Георгиески

Имплементирање на проекти за здравствени и социјални услуги за стари лица, дел од изборната програма на Константин Георгиески кандидат за градоначалник од СДСМ.

 |  Валентина Неловска  | 

Проекти за полесна пристапност на лицата со попреченост до општинската зграда, најави Рената Арнаудова од ЛДП , на прес конференција на која презентираше дел од изборната програма на Константин Георгиески, кандидат за градоначалник од СДСМ. Арнаудова најави адаптација на општинската зграда со поставување на лифт со платформа за лицата со попреченост и опремување на салата со посебни пултови за инвалидски колички. За потребите на учениците со попреченост од ОУ Св. Климент Охридски, пак ќе се набави електромоторен транспортер за инвалидски колички.

„ Планираме да изработиме План за достапност на сите објекти и простории за целото општинско подрачје за лицата со попреченост. Основната цел на планот е да се подобрат условите за движење и достапност до објектите и да се зголеми безбедноста на лицата со посебни потреби во сообраќајот преку поставување на соодветна хоризонтална и вертикална сигнализација како и сигнална опрема со светла и звук“, напомена на денешната прес конференција Арнаудова.

Во моментов во рамките на програмата за финансирање, се имплементира и проект за здравствени и социјални услуги за стари лица и деца и нивна рана превенција, истакна Арнаудова.

„ Со цел да се придонесе за унапредување на квалитетот на животот на старите и немоќните лица, ќе ги вложиме сите напори за реализација на проектот за изградба на Дом за стари лица во населбата Далјан. Фирмата која веќе стопанисува со градежното земјиште има обврска наскоро да ја започне изградбата на ваков наменски објект, рече Арнаудова.

Исто така, за подобрување на условите за лицата од трето доба во Охрид, планирана е изведба на катчиња и паркови за пензионери на повеќе локации во градот.