Проф. Сефиданис: Материјалната штета е неважна во споредба со духовната
Нецели два дена откако беше поставен, споменикот на Григор Прличев вандализиран и онеспособен од функција. Непознати лица го пресекле доводот до електрична енергија, го отстраниле македонското знаме и ги искорнале написите. Се обиделе да ги отворат и металните врати за да стигнат до главниот компјутер, но поради цврстиот материјал и безбедносните брави не успеале. Случајот бил веднаш пријавен во СВР Охрид. По насока на јавен обвинител, на местото на настанот, увид извршиле полициски екипи. Се преземаат мерки за расветлување на настанот по што, ќе биде поднесена соодветна пријава.- информираше портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.
Авторот на споменикот, Проф. д-р Анис Сефиданис вели дека не му се познати причините за вандалскиот чин но додава дека уште при самото поставување на плоштадот, споменикот не бил прифатен од сите во околината.
„Не сакам да алудирам на ништо бидејќи не сум ниту политиколог ниту социолог, иако предходно имавме неколку опомени или закани за кои ја известивме полицијата. Се надеваме дека се работи само за изолирани случаи. Јас не можам да тврдам дека лицата од коишто сме добиле одредени закани и слично дека истите стојат и зад онеспособувањето на споменикот. Се надевам дека понатака ќе бидат откриени вистинските сторители. “ – вели Проф. Сефиданис.
Прличев своевремено се соочувал со многу поголеми удари од сегашниот кон неговото културно наследство, вели Проф. Сефиданис. Тој апелира да се афирмираат проекти од културен карактер, личности кои се преродбеници како Прличев, повисоки стандарди за заштита на вакви проекти и најважо да се работи на едукација кај помладите генерации за да се прекине појавата на вакви девијации.
„Материјалната штета е занемарлива и неважна во споредба со духовната и симболичната која е нанесена на проектот кој го отелотворуваше духот и делото на Григор Прличев. Јас само сакам да повикам сите заедно, државата и интитуциите, пред се ние граѓаните да не дозволиме да се креира амбиент кој ќе охрабрува екстремисти од било која идеологија.“ – апелира професорот.
Проф. Сефиданис и неговиот тим активно работи на рестартирање на споменикот. Се работи со безбедносните служби и на изнаоѓање начин како споменикот во иднина да се заштити.
Дигиталниот паметен споменик преку кој на плоштадот на уметноста„Долна порта“ воскреснува Григор Прличев беше промовиран во средата. Футуристичкиот споменик преку холографската технологија, тродимензионалниот мултимедијален интерфејс и просторната звучна акустика го оживуваа виртуелниот аватар на поетот во срцето на неговиот роден град. Иновативниот систем е изработен од компанијата Сефиданис во чии лаборатории на Суперкомпјутерот се развивала целата технологија, а во целокупната реализација учествувал голем тим на лица од разни области под водство на Проф. д-р Анис Сефиданис .