Skip to main content

Прокиснатиот покрив на охридската гимназија тема за жестока дискусија во градскиот Совет

Сликите од оштетените училници поради прокиснувањето на кровот на охридската гимназија кои беа споделувани на социјалните мрежи и предизвикаа реакции во јавноста денеска беа повод за дискусија во градскиот совет. Од советничката говорница не изостанаа политички препукувања за тоа која власт е виновна што проектот за целосна реконструкција на објектот кој е споменик на културата се одолговлекувал поради неиздавање на конзерваторското одобрение.
 |  Маја Савиќ  | 

Обилните врнежи изминатиот период ги влошија условите во ОСУ „Св Климент Охридски„. Ученици и родители на социјалните мрежи споделија слики на кои се гледаат значителни оштетувања на тавани, прокиснување и мувла во училниците. 5 од вкупно 34 простории за настава се затворени и веќе извесен период истите не се користат, а останатите се доволни за непречено и редовно реализирање на наставата известија денеска од гимназијата во соопштение за јавност. Состојбите вчера биле констатирани и од страна на Државниот здравствен и санитарен инспекторат.

Сликите од гимназијата биле испратени во пораки и на советници во градскиот совет , па на денешната седница се разви дискусија за реконструкцијата на објектот, при што не изостанаа политички препукувања.

Гимназијата веќе неколку години има проблем со прокиснување на дел од покривот поради што преземани се активности за парцијално санирање на оштетувањата на кровот, но со краткотраен и нецелосно ефект. Постапката за реализација на проектот за целосна реконструкција одел бавно бидејќи објектот претставува споменик на културата и е неопходно конзерваторско одобрение.

Три и пол години се чекаше да се добие Конзерваторско одобрение за да се започне со реконструкција на Гимназијата. И сега ние треба три години да чекаме да не го средиме дворот, да не го средиме спортското игралиште, атлетската патека, внатре да не ја смениме електричната инсталација, да не смениме дел од столаријата, тоалетите. Во 2006та е направена реконструкција на покривот и оттогаш не беше чепнато ништо и сега кога оваа локална власт зеде за право да го сработи нештото во Гимназијата има забелешки, рече Перчо Божиновски, Претседател на Совет на Општина Охрид.

Со констатацијата дека 3,5 години се чекало одобрението за реконструкција, ја фрлате вината на владата на СДСМ, а од тие три и пол години, да ве потсетам скоро година и осум месеци имате власт и на централно и на локално ниво, кажа советничката од СДСМ и коалиција, Лидија Неданоска.

Доколку била пречка владата на СДСМ до пред година и осум месеци , сакам на писмено да ни одговори директорката или било кој од раководниот тим на Гимназијата , после првото барање кое го поднесле до надлежната институција за добивање на дозвола за реконструкција како споменик колку пати стапиле во контакт после тоа со таа иста институција, праша од говорницата, советничката Неданоска.

Критиките единствено ќе ги сфатев како конструктивни ако не постоеше проект и ако не е на чекор до одпочнување со реализација, реплицираше Божиновски кој посочи дека документацијата е комплетирана и на 10-ти ноември бил објавен огласот за избор на најповолен изведувач кој ќе ја врши реконструкцијата.

За периодот додека бил СДСМ на власт колку министерот за транспорт, колку министерката за култура, колку директорката на Завод и музеј, колку директорот на Управата за заштита на културното наследство, во тие години ја посетиле гимназијата, и тоа вие одговорот колку пати побарала гимназијата одобренија за тоа што е сега веќе добиено. Со поставувањето на новата директорка на Управата за заштита на културното наследство Весела Честоева, лично дојде во гимназијата и ја виде ситуацијата, штета што не можеше да го најде документот откако пристапи на функцијата, па и целосна документација, па моравме повторно да ги собираме сите документации затоа што предметот се криеше или како што милуваше министерката за култура да каже „не се од јавен интерес“ таквите градби, реплицираше Божиновски,

Советниците од опозицијата изнесоа забелешки зошто кога се променила власта не се забрзале работите и дали било лобирано.

Доколку во одреден рок, поминал месец, два, три, шест, година , дали повторно се поднело барање, колку пати се поднело барање и доколку назад се враќал одговор со било какво образложение на надлежната институција зошто не го дава одобрението би сакала тие информации да ни бидат доставени. Бидејќи вака испаѓа дека единствен виновник што им падна покривот врз глава во охридската гимназија, не буквално, на учениците и вашите колеги кои максимално ве поддржаа и ви го дадоа гласот, е СДСМ , а имате апсолутна власт, рече Неданоска.

Советничката Неданоска апелираше локалната самоуправа доколку е потребно да му понуди на раководството на средното училиште стручна помош, па дури и да се формира стручен тим во рамки на Секторот за образование кој ќе ги мапира најгорливите проблеми на образовната установа за сериозно да се пристапи кон целосната реконструкција.

Мало препукување политички, оваа власт, другата власт, тоа е нормална работа и во Парламент и во Совет да има негодувања и напаѓања, меѓутоа оваа власт е година и осум месеци, нема да издвојувам сега Гимназија или проекти, сите проекти кои ги кочела , ако ги кочела старата власт, а биле поднесени, бидејќи оваа локална самоуправа ги поднесувала со проекти, ако биле во ред во рок од три месеци требеше сите надлежни да ви ги дадат, кажа Ванчо Костоски – советник ВМРО-НП.

Од страна на Општина Охрид обезбедени се средства во износ од 34.150.000 денари за Реконструкција на гимназиската зграда и истите се предвидени во Развојната програма за капиталните ивестиции во областа на средното образование.