Skip to main content

Промоција на книга на Охридско лето

Промоција на книгата „Боите на мојата музика” од Снежана Анастасова Чадиковска и Марко Коловски

Во рамки на програмата на фестивалот „Охридско лето“, утревечер во 19 часот, во предворјето на црквата Св. Софија, ќе биде промовирана книгата „Боите на мојата музика” на авторите Снежана Анастасова Чадиковска и Марко Коловски. Делото претставува приказна за животниот и творечкиот пат на Снежана Анастасова Чадиковска, истакната пијанистка, пијано педагог, музички публицист, аниматор и организатор.
 |  Голабовски Крсте  | 
книга Охридско лето

„Записот е голема сила. Тој не дозволува нештата да бидат попатно оставени и заборавени“, ќе рече во една прилика, нашата истакната пијанистка, пијано педагог, музички публицист, аниматор и организатор, Снежана Анастасова – Чадиковска. Еден таков запис, но овој пат многу пообемен и посодржаен,  создаден во соработка со музикологот Марко Коловски, во рамките на програмата на годинешното 63-то издание на фестивалот „Охридско лето“, ќе ја доживее својата промоција. Книгата“Боите на мојата музика” е приказна  за животниот и творечкиот пат на Чадиковска. Книгата е збир на три делови од нејзиниот животен пат, сите три дела подеднакво важни, подеднакво драги.

„Јас сакав да направам не толку моја авто-биографија, колку биографија на времето и институциите со кои соработував и во кои живеев. Јас не би знаела да издвојам кој дел најмногу ми се допаѓа. Марко Коловски е неверојатно темелен и инспиративен соработник и мсилам дека тој есеистички приказ од четириесеттина страници која го даде за мене, за мене е големо богатство. Се надевам дека и на читателите ќе им се допадне.“ – вели Анастасова-Чадиковска.

Снежана Анастасова – Чадиковска низ своите спомени, за контекстот во кој раснел и разраснувал нејзиниот огромен опус, и музикологот Марко Коловски, со поглед од страна, како обид на навидум невозможното, стручно да се опсервира непрегледното, создаваат уникатно дело, примамливо за секој читател. Колоритна, раскошна, блескава, всушност како и боите на сликата “Хипостази на животот“ од ликовниот уметник Венијамин Хаџи – Наумов.

Посебно за истакнување е листата на еминентни музички имиња што излегле од училницата на Анастасова-Чадиковска. Од концертни изведувачи, до редовни професори на ФМУ, педагози во ДМБУЦ во Скопје и во другите музички училишта низ Македонија. Голем дел од нејзините поранешни ученици живеат и успешно творат надвор од државата, како Никола Коџобашија и Сања Шојлевска. Чадикоска е  особено горда на оние триесеттина нејзини ученици што станаа дипломирани пијанисти, како една Марија Ѓошевска,  магистри, доктори на науки.

„Тука се потребни големи заложби и од професорот а особено од ученикот. Голема среќа, што навистина имав талентирани и особено добри ученици, кои сакаа да работат и ја сакаа музиката. А, како ќе го пренесеш тоа, тоа зависи од секој ученик. Секој ученик е човек за себе, проект за себе. Од одбирањето на програмата која ќе ја свири до начинот како ќе ја вклопиш во таа програма и како ќе го извлечеш најдоброто од него е навистина многу индивидуална работа.“ – вели авторката.

Овој настан ќе ја поттикне љубопитноста да ѕирнете меѓу колоритот на кориците и да откриете за контекстот, за извориштата, за современиците, за што уште не – за Снежана Анастасова – Чадиковска, вечер исполнета со Боите на нејзината музика. Промоцијата на книгата е утревечер во предворјето на црквата Св.Софија во 19 часот.  Промотори на настанот се  Илинденка Петрушева, Филмолог, филмски критичар, историчар на филмот, есеист и Александар Трајковски, Музички теоретичар, истражувач, педагог и публицист. Модератор на промоцијата е Милчо Јованоски, Директор на Националната установа Библиотека „Григор Прличев“- Охрид , новинар и публицист. Водител на настанот, Наташа Попоска – Карче, Сликар, уметник, стоматолог.