Промоција на книгата „Боите на мојата музика” од Снежана Анастасова Чадиковска и Марко Коловски
„Записот е голема сила. Тој не дозволува нештата да бидат попатно оставени и заборавени“, ќе рече во една прилика, нашата истакната пијанистка, пијано педагог, музички публицист, аниматор и организатор, Снежана Анастасова – Чадиковска. Еден таков запис, но овој пат многу пообемен и посодржаен, создаден во соработка со музикологот Марко Коловски, во рамките на програмата на годинешното 63-то издание на фестивалот „Охридско лето“, ќе ја доживее својата промоција. Книгата“Боите на мојата музика” е приказна за животниот и творечкиот пат на Чадиковска. Книгата е збир на три делови од нејзиниот животен пат, сите три дела подеднакво важни, подеднакво драги.
„Јас сакав да направам не толку моја авто-биографија, колку биографија на времето и институциите со кои соработував и во кои живеев. Јас не би знаела да издвојам кој дел најмногу ми се допаѓа. Марко Коловски е неверојатно темелен и инспиративен соработник и мсилам дека тој есеистички приказ од четириесеттина страници која го даде за мене, за мене е големо богатство. Се надевам дека и на читателите ќе им се допадне.“ – вели Анастасова-Чадиковска.
Снежана Анастасова – Чадиковска низ своите спомени, за контекстот во кој раснел и разраснувал нејзиниот огромен опус, и музикологот Марко Коловски, со поглед од страна, како обид на навидум невозможното, стручно да се опсервира непрегледното, создаваат уникатно дело, примамливо за секој читател. Колоритна, раскошна, блескава, всушност како и боите на сликата “Хипостази на животот“ од ликовниот уметник Венијамин Хаџи – Наумов.
Посебно за истакнување е листата на еминентни музички имиња што излегле од училницата на Анастасова-Чадиковска. Од концертни изведувачи, до редовни професори на ФМУ, педагози во ДМБУЦ во Скопје и во другите музички училишта низ Македонија. Голем дел од нејзините поранешни ученици живеат и успешно творат надвор од државата, како Никола Коџобашија и Сања Шојлевска. Чадикоска е особено горда на оние триесеттина нејзини ученици што станаа дипломирани пијанисти, како една Марија Ѓошевска, магистри, доктори на науки.
„Тука се потребни големи заложби и од професорот а особено од ученикот. Голема среќа, што навистина имав талентирани и особено добри ученици, кои сакаа да работат и ја сакаа музиката. А, како ќе го пренесеш тоа, тоа зависи од секој ученик. Секој ученик е човек за себе, проект за себе. Од одбирањето на програмата која ќе ја свири до начинот како ќе ја вклопиш во таа програма и како ќе го извлечеш најдоброто од него е навистина многу индивидуална работа.“ – вели авторката.
Овој настан ќе ја поттикне љубопитноста да ѕирнете меѓу колоритот на кориците и да откриете за контекстот, за извориштата, за современиците, за што уште не – за Снежана Анастасова – Чадиковска, вечер исполнета со Боите на нејзината музика. Промоцијата на книгата е утревечер во предворјето на црквата Св.Софија во 19 часот. Промотори на настанот се Илинденка Петрушева, Филмолог, филмски критичар, историчар на филмот, есеист и Александар Трајковски, Музички теоретичар, истражувач, педагог и публицист. Модератор на промоцијата е Милчо Јованоски, Директор на Националната установа Библиотека „Григор Прличев“- Охрид , новинар и публицист. Водител на настанот, Наташа Попоска – Карче, Сликар, уметник, стоматолог.