Skip to main content

Книжевност

Промоција на Луѓенца од Лилјана Пандева

Протагонистите на овие раскази живеат на работ од катастрофата, во „нешто што личи на сопче“, не можат да врзат крај со крај со банките, се обидуваат да се променат себеси и физички и духовно, прават натчовечки напори да останат здрави заради своите деца.
 |  инфодеск  | 
Промоција

Збирката раскази „Луѓенца“ ќе биде промовирана пред охриѓани во Сабота на 18.6.2022 г. од 18:00 часот во кафе и бар „Шила“ во Охрид.

„Луѓенца“ од Лилјана Пандева е книга составена од седумнаесет исклучително впечатливи (навидум едноставни) мајсторски раскажани необични приказни за навидум „обични“ ликови.

Читајќи ги овие раскази се наоѓате среде еден исклучително богат универзум во кој човековата историја е ткаеж од насмевки и солзи и долг од двете точки: раѓањето и смртта.

Тука ги гледате сите оние луѓе што минале покрај вас, што истовремено се качуваат во автомобил или се затрчуваат по некој што им избегал, но ги гледате и оние што стојат на работ од висококатница во длабок очај и во недоумица дали да му стават крај на својот живот.

„Станува збор за приказни што импонираат како со тематската актуелност, меѓусебната суптилна поврзаност меѓу приказни¬те, така и со раскошната палета на наративни стратегии“ – Владимир Мартиновски

Пандева по „Класифицирано“ и „Заорани“, раскази мотивирани од руралните подрачја, со „Луѓенца“ покажува една сосема поинаква онтологија на човековото битствување, а тоа се судбинските вертикали на себенаоѓањето.

Лилјана Пандева, родена 1964 година во Ново Село, Струмица, дипломирала на Катедрата за југословенска книжевност и македонски јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ, во моментов работи како лектор по македонски јазик во Агенцијата за примена на јазикот.

Досега има објавено многу дела, а исто така добитничка е на голем број награди и признанија.