Skip to main content

Книжевност

Промоција на романот Децата на Амон

Предрасудите се тие што ги двојат луѓето едни од други, незнаењето и мислењето дека едните се подобри од другите. Доволно е само да се чувствува и разбира со јазикот на срцето, и сѐ друго е многу лесно
 |  инфодеск  |  ,
Промоција

Денес во 18 и 30 часот во НУ Центар за култура „Григор Прличев“ ќе биде промовиран романот „Децата на Амон“ од Робертина Ал Ашури а во издание на ПНВ Публикации од Скопје.

Љубопитната читателска публика, за прв пат има можност да се запознае со една димензија на македонското општество, од перспектива на припадничка на една мала заедница, која се борела и сѐ уште се бори за интеграција во општеството. Заедницата на Балканските Египќани низ целиот Балкански Полуостров е ранлива на директна и индиректна расна дискриминација.

Романот на Робертина Aл Ашури се занимава токму се еден таков случај во Охрид. Но низ текстот можат да се препознаат и други слични случки во други градови и со припадници на други заедници. Во романот се преплетуваат неколку многу важни теми: љубов, идентитет, стереотипи, предрасуди, поделено општество, етноцентризам, расизам, родови прашања“, вели д-р Рубин Земон.

Aл Ашури во предговорот на романот ќе запише: „Од денот кога станав свесна за тоа која сум и што сум, на моите родители им беше многу важно да ми покажат како да излезам на крај со бремето што сум осудена да го носам низ животот. Тоа бреме ние Египќаните го носиме со илјадници години и ништо не може да се промени од генерација во генерација. Но сепак, имам надеж дека новите, младите синови и ќерки на Амон ќе можат да го носат тоа бреме подобро, ќе бидат горди, сфатени и прифатени без предрасуди“.

Покрај д-р Земон промотори на книгата во Охрид и утре во Струга во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ од 19 и 30 часот ќе бидат и м-р Милчо Јованоски, доц. д-р Никола Митровиќ – Бабе и м-р Стефан Димоски.