Промовиран вториот дел од книгата „За Македонистиката отворено“ од авторите Свето Стаменов и Димитар Пандев
Во рамки на свечената програма по повод 23 Октомври- Денот на Македонската револуционерна борба, денеска во големата сала на Општина Охрид беше промовиран вториот дел од книгата „За Македонистиката отворено“ од авторите Свето Стаменов и Димитар Пандев.
Во името на Локалната самоуправа пред присутните гости, свое обраќање имаше секретарот на Општина Охрид, Александар Китески.
-„Македонскиот јазик е нашата единствена стожерна точка, тој е патоказ во светот на културата и идентитетот.“ Оваа важна мисла на нашиот голем македонски писател и лингвист Блаже Конески ни укажува на важноста на нашиот јазик како основа на постоењето, културната самосвест и историското наследство на Македонскиот народ.
Македонскиот јазик е непресушна река, тој протекува низ времето, носејќи со себе огромни знаења и мудрости. Во него се крие духот на нашата нација, слободата на изразувањето и комуникацијата. Македонскиот јазик е најсилниот одбрамбен штит на нашиот идентитет и најважниот темел на македонската државност.
Охрид отсекогаш бил и ќе остане појдовна точка на важни моменти од македонската самобитност, писменост и традиција, па затоа следејќи го патоказот на нашите предци продолжуваме да чекориме по патот на вистинските вредности.
Горди сме што Охридската локална самоуправа започна важна издавачка традиција која дава голем придонес во делот на литературната дејност, зачувување на Македонскиот јазик и промоција на најзначајните дејци кои оставиле неизбришливи траги во нашата историја.
Mи претставува особена чест и задоволство што имам можност да бидам дел од денешната свечена промоција на вториот дел на книгата “За Македонистиката отворено”. Минатата година го промовиравме првиот дел од ова книжевно издание кое верувам дека ќе биде значајна ризница на знаење за идните генерации.
Во мое лично име и во името на градоначалникот Кирил Пецаков упатувам искрена благодарност до авторите на ова значајно дело, Свето Стаменов и Димитар Пандев со надеж дека и во иднина ќе работат на слични успешни пректи, кои се од големо значење за македонската лингвистика и литература.
Почитувани,
Дозволете ми оваа можност да ја искористам за да го честитам утрешниот голем празник посветен на Македонската револуционерната борба. Храброст и идеалите за слободна и независна држава на нашите херои ни оставија вечен аманет да ја чуваме и унапредуваме нашата татковина за идните поколенија.
Нека е вечен празникот, нека е вечна Македонија, нека е вечен Македонскиот јазик, истакна Китески во своето обраќање.
Промоторот и рецензент на книгата, доц. д-р Бобан Карапејовски истакна дека тешко е да се најдат достојни зборови за овие големи дела и дека да се промовира книга пред охридската читателска публика е сериозен и голем потфат бидејќи таа сериозно ги прифаќа предизвиците на пишаниот збор.
-Колку книги за македонистиката се доволни? И една е премногу, ако е лоша и ако цел самата по себе. И безброј се малку, ако се квалитетни, со опстојна елаборација, ако го следат фонот на светската наука. Такви се интервјуата на Свето Стаменов со Димитар Пандев во емисиите Quo vadis и Актуелно и Саботниот Радио спектар на Македонското радио, рече меѓудругото Крапејовски, упатувајќи пофални зборови кон Општина Охрид за придонесот кој го дава во делот на литературната дејност и промоцијата на Македонскиот јазик.
-Општина Охрид повторно и повторно се докажува како издавач и поддржувач на македонистиката, на убавиот пишан збор и на писменоста. Авторите на овие дела создаваат особено интересен жарн. Тоа го нарековме пишана форма на научниот стил и го споредивме со историјата на јазикот и на зборот-како минливото сака да стане вечност т.е.-како гласот сака да стане писмо, потенцираше Карапејовски во своето обраќање.
Во втората книга „За Македонистиката отворено“ на 480 страници се опфатени 28 радио разговори за Македонскиот јазик и литература, за кодификациските фази на јазикот, за неговата граматика, за делата на Свети Климент и Наум Охридски, за делата на Мисирков, Прличев, Конески, Шопов, Рацин, за низа лингвистички теории. Уредник на изданието е Митре Велјаноски, а книгата е отпечатена во тираж од 250 примероци.