Второ лето на рсполагање на авантуристите им е Виа Ферата Доброја на Галичица. Оваа патека за искачување на посетителите им нуди нов вид авантура и еден сосема поинаков начин на другарување со природата и доживување на особено атрактивните панорамски вредности на паркот.
Првата Виа Ферата, безбедна патека за алпинистичко искачување на карпа со помагала на Галичица беше пуштена во употреба во јули 2022 год. Патеката го доби името „Доброја“, локален назив за растението Питома Фоја, која е карактеристична за повисоките делови од националниот парк. Ова растение, посетителите имаат можност да го видат веднаш покрај самата линија на фератата долга 535м. 145м се искачување на вертикални карпи, соодветно опремени со скалила, а останатиот дел, е пешачење по експониран терен со сајла.
До Виа Фератата, се стигнува од излетничкото место Корита, по лесна пешачка патека во должина од 1,2км и просечно времетраење од 30мин.Поделена е во три раздели со различна тежина на качување и има три излези од истата, така што оние кои не можат да го издржат целиот напор, многу едноставно можат по безбедна патека во извесен дел да го напуштат качувањето.
Алпинистичка патека изработена е по сите меѓународни стандарди, целосно обезбедена и опремена со посебна опрема и можат да ја искачуваат и рекреативци, луѓе со авантуристички дух. Секако треба да имаат одредени физички предиспозиции и способности, но не треба да поседуваат посебна опрема, ниту да имаат предзнаење за техники на искачување, бидејќи на најкомплексните делови се поставени скали и фиксна сајла, опрема може да се изнајми а за лицата кои немаат потребно искуство тука се професионалните планинари.
Проектот за Виа фератата е на АК Патагонија во соработка со НУНП Галичица и Планинската спасителна служба Охрид, а е изработена со поддршка од ПОНТ (Prespa Ohrid Natural Trust), во рамки на „Авантуристичка зона во Националниот Парк Галичица“.