Skip to main content

60 години ЈОУДГ „Јасна Ристеска“

Промовиран краток историјат (од 1950 до 1990) за ЈОУДГ „Јасна Ристеска“ од д-р Никола Митровиќ

Краток историјат за развојот на Градинката Јасна Ристеска од основањето во 1950 година до 1990 година од авторот д-р Никола Митровиќ беше промовирана денеска по повод јубилејот шест децении постоење на установата. Книгата содржи документи кои за прв пат се согледуваат во јавноста, истакна авторот Митровиќ додавајќи дека заедно со другите пишани дела за градинката се создава една монографија.
 |  Маја Савиќ  | 

По повод јубилејот 60 години постоење на ЈОУДГ „Јасна Ристеска“ , а во рамки на одбележувањето на Денот на ослободувањето на Охрид, денеска беше промовиран краток историјат за развојот на оваа установа во периодот од 1950тата до 1990тата година од д-р Никола Митровиќ. Првата детска градинка во Охрид по Втората светска војна била отворена на 5-ти октомври 1950 година со капацитет за згрижување на 40 деца. Во книгата има многу интересни факти и податоци за тоа каков бил начинот на основање на првата градинка, условите во кои се работело и во кои престојувале дечињата. Книгата содржи документи кои за прв пат се согледуваат во јавноста, истакна авторот Митровиќ. 

„ Размислував долго уште кога моите дечиња доаѓаа во оваа градинка, како да се оддолжам за добриот пристап, на добрите воспитувачки и целиот тим  којшто работи овде и случајно истражувајќи го  фондот за Градскиот  народен одбор наидов на документи кои досега не беа истражувани , а припаѓаат на историјатот на градинката. Jaс знам дека многу е пишувано за оваа градинка , прекрасни дела , меѓутоа ова дело може да биде компилација на предходните дела и да се состави една типична монографија за историјатот на оваа градинка.“ – кажа пред присутните на промоцијата, авторот Д-р Никола Митровиќ – Директор на Историски архив Охрид.

Градоначалникот Кирил Пецаков во своето обраќање истакна дека книгата ќе има и продолжение, а соработката со Историскиот архив ќе се зајакне со меморандум. Книгата се  презентира во предвечерјето на  Денот на ослободувањето на Охрид, Јасна Ристеска била херој која со своето херојско дело го задолжила овој град и токму поради тоа нејзиното име го носи оваа воспитно образовна установа со која сите треба да се гордееме, истакна Пецаков.

„Градинката успешно функционира и е пример за образовна институција во предучилишна возраст со која сите ние се гордееме. Токму затоа и локалната самоуправа, настрана од ова издание кое претставува паметник за минатото , вложуваме и ќе вложуваме во иднина во реконструкција на сите објекти. Секако круна на вложувањата, во зависност од тоа како ќе се одвива урбанистичкото планирање, ќе биде изградба на еден нов објект, процедурата е започната.“ – истакна градоначалникот Пецаков.

Директорката на градинката, Ирина Милеска изрази благодарност до авторот Митровиќ и до градоначланикот Пецаков и општина Охрид за поддршката и соработката.

„Денес како тим, како установа, се грижиме да ги подобриме условите за работа во градинката, за секојдневниот престој на дечињата во нашата градинка, затоа што ние ги згрижуваме и воспитуваме децата од најмала возраст. Како тим секогаш ќе се вложуваме да се подобрат условите, се посветуваме на работата со дечињата со голема љубов, трпение и внимание.“ – кажа директорката.

Милеска, ги покани охриѓани на свеченaта приредба по повод јубилејот 60 години од основањето на градинката која ќе се одржи утре во спортската сала на СРЦ „Билјанини извори“ од 17 часот.